Паоло Маџели по 30 години ќе режира повторно во МНТ

Паоло Маџели почна да ја подготвува комичната претстава „Еден месец на село“ според делото на Тургењев во Македонскиот народен театар, кој по 30 години повторно соработува со овој познат италијански режисер. МНТ соопшти дека оваа соработка е од исклучителна важност и еден од најзначајните проекти за македонскиот театар воопшто.

– Претставата „Еден месец на село“ е втора соработка на МНТ и Маџели. Тој по 30 години повторно се враќа на голема сцена. На 10 февруари 1988 година беше премиерата на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, соопшти МНТ.

Комично-тажната руска приказна на Иван Сергеевич Тургењев „Еден месец на село“ првпат е поставена во 1872 и раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата, кое тоа чувство ја носи, да ги задржи долго во себе.

Улогите ќе ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Катерина Коцевска го направи преводот и адаптацијата на текстот, Жељка Удовичиќ е драматург, Лоренцо Банчи – сценограф и Мануела Паладин – костимограф. Музиката ќе ја работи композиторот Љупчо Константинов.

Паоло Маџели е роден во Прато, Тоскана, а веќе 30 години живее и работи во Загреб. Реализирал повеќе од 150 претстави во театари низ светот.

– Од 1980-тите години неговите бројни режии оставаат длабок печат на балканските простори, а неговото влијание е присутно и на европската и латиноамериканска сцена. Во Прато бил асистент на Џорџо Стрелер, и заедно со Роберто Бенињи, Памела Вилорези, Саверио Маркони, Франческо Нути и Марчело Бартоли го основаат „Театро студио де Театро Метастасио“, каде што ја започнува својата кариера, наведува МНТ.

Во средината на 1970-тите години Маџели почнал да работи на сцените во поранешна Југославија (Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Сплит, Скопје и Дубровник), каде што се прославил и добил голем број награди за своите режии. Соучествува на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ со тогашната уметничка авангарда, меѓу кои: Роберт Вилсон, Лучано Пинтилие, Петер Задек и Бен Бесон.