Референдумска кампања, со предизборен шмек

Трикратно зголемување на социјална помош од наредната година, зголемување на парична помош за деца со специјални потреби, зголемување на опфатот на деца кои ќе добиваат детски и образовен додаток, отворање конкурс за сите земјоделци до 40 години кои ќе може да аплицираат за неповратни средства во вредност од 10.000 евра, решавање на аерозагадувањето, гасификација…
Ова не се предизборни ветувања, туку дел од ветувањата и активностите (како што беше отворањето на Центарот за церебрална парализа) на Владата и политичките партии во пресрет на референдумското изјаснување, а не на парламентарни избори.
Останува уште една седмица до референдумот, а политичките партии се растрчани по митинзи и средби, водејќи ја својата кампања. Премиерот Зоран Заев, во разговор за Би-би-си на српски јазик, соопшти дека прима по неколку илјади пораки дневно.
„Одговарам на три до пет илјади пораки дневно. Тоа значи дека сум во тек со сите проблеми, а тоа е предноста на малата земја. Прашање е дали на гласањето ќе излезат доволен број луѓе, затоа што на референдум не излегува истата бројка на луѓе како на изборите“, рече Заев.
Дел од експертите сметаат дека под притисок на исполнување на цензусот владејачката гарнитура се обидува со брзи интервенции во разни општествени сегменти да задоволи одредени групации, како дополнителна мотивација да излезат на гласање.
Тие препознаваат, како што велат, дека како се приближува референдумот, така се повеќе се губи разликата меѓу јавните настапи поврзани со референдумски изјаснувања кои имаат широк појас на обраќање, без фокусни групи, и класичните партиско-политички пропаганди кои се однесуваат на одредени интересни групи.
Други, пак, сметаат дека според содржините и целите предреферендумските и предизборните кампањи не би требало да имаат заеднички точки, но во случајов тие се испреплетуваат. Отворањето повеќе работни места и инвестиции, велат, се директно поврзани и со референдумското прашање во чиј прв дел е содржан влезот во ЕУ и НАТО, кој, како што нагласуваат, се одредена гаранција за подобро утре.
Според нив, ветувањата се сосема легитимни бидејќи тие всушност произлегуваат од нивните информации и анализи околу референдумот. И правилата на Венециската комисија за ваквата проблематика, како што додаваат, се полиберални и се дозволува да се води вакво информирање на граѓаните за референдумот, кое личи на предизборно.

„Во таканаречената дифузна кампања, сè што не е содржано во рекламите се покрива со различни активности и ветување за одделни целни групи. Членовите на Владата, но и партијата што се на власт ги вложуваат сите расположливи сили за да се мобилизира гласачкото тело во што поголем број. Она што во моментов го гледаме апсолутно потсетува на предизборна кампања“, вели професорката Јасна Бачовска.
„Ако се има предвид кампањата што се води по медиумите и ветувањата што се даваат, може да се заклучи дека сето тоа личи на предизборна кампања. И тука во однос на некакви законски регулативи не гледам ништо спорно. Ветувањата се дел од сите политички кампањи во светот. Но, секако, може да се отвори прашањето за политичката култура и етика на политичарите, но и на гласачите“, вели Бачовска.

Наум Котевски