Обвинителството следи дали некој го крши референдумот
Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на референдумот. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
Целта на Јавното обвинителство на Република Македонија е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
Во таа насока, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални противправности ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса – [email protected].