Нема веќе зграда до зграда, мора да има тревници и дрвја

Инвеститорите на нови згради ќе имаат обврска најмалку 20 отсто од градежната парцела да биде со тревници и дрвја. Секоја општина ќе мора да има зелен катастар во кој ќе има попис на целото зеленило со стандард од 25 квадратни метри зелена површина по жител за сите идни генерални урбанистички планови. Кај веќе изградените станбени блокови, каде што практично зградите се едни до други, ќе се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери на покривите или на фасадите.

Ова го предвидува новиот Закон за урбано зеленило кој доби зелено светло во Собранието.
– Се смета дека 25 квадратни метри зеленило по жител овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002 година, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци од Генералниот урбанистички план 2012-2022, градот Скопје во 2011 година имал 12,17 квадратни метри зеленило по жител според пописот од 2002, односно 9,18 квадратни метри по жител сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 предвидени се 18,5 квадратни метри зеленило по жител, или околу 17 квадратни метри според реалниот број жители. Слична е состојбата и со другите градови во Македонија. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило – стои во образложението на предлог-законот, кој беше поднесен од група пратеници од партиите ДОМ и СДСМ.

Законот ги обврзува сите физички и правни лица што имаат зелени површини редовно да го одржуваат зеленило. Со Законот се заштитува веќе постоечкото зеленило, односно се става крај на непланското сечење дрвја и уништување на зеленилото за градби.

– Конечно, после седум години, успеавме да го донесеме овој Закон кој сметам дека ќе донесе револуција во просторното планирање односно ставаме рачна кочница на уништување на зеленилото и бетонизација на општините. Со овој закон веднаш ќе може да се почувствуваат придобивките, односно нема зеленилото да ни го снемува пред очи, ќе имаме еден сосем нов пристап во планирањето со тоа што обврзуваме 20 отсто од урбанистичките планови да имаат предвидено зеленило, не само во населените места, туку и надвор од нив. Очекувам веќе за две години да ги видиме резултатите од зазеленување на градовите, верувам во тоа зашто кај сите градоначалници има силна волја за зазеленување на општините – изјави пратеничката на ДОМ, Лиле Поповска, која беше иницијатор на донесување на Законот за урбано планирање.

Законот предвидува и казни доколку не се почитува. Доколку правното лице редовно не го одржува зеленилото, ќе му се изрече глоба од 500 до 1.000 евра, а за граѓаните што нема да се грижат за зеленилото во нивниот двор казната е 50 евра. Глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во ќе му се изрече на правното лице носител на лиценца за изработка на урбанистички планови ако изработи детален урбанистички план и архитектонско урбанистички проект кој нема да ги задоволува одредбите предвидени со Законот.
Закон за зеленило беше донесен и од претходниот собраниски состав, но тој не содржеше толку строги мерки за заштита на зеленилото.