Недела на современ ирански филм во Кинотека

Со проекција на „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи, снимен во 2014 година, вечер од 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе почне Неделата на современ ирански филм.

Филмот е приказна за универзитетскиот професор Гарус кој има голема фантазија и ќе се вљуби во своја студентка. Проблемите ќе се појават кога еден бизнис-противник ќе го натера Гарус да се однесува неетички…

Покрај овој филм, до 27 јануари ќе бидат прикажани уште пет филма од современата иранска кинематографија, снимени од 2005 до 2014 година.

Утревечер ќе биде прикажан „Еднаш, љубов и предавство“ во режија на Давуд Бидел, а од среда следуваат: „Базен за сликање“ на Мазиар Мири; „Сосема сам“ во режија на Ехсан Абдипур; „Коцка шеќер“ на Реза Миикарими, кој е режисер и на последниот филм од програмата – „Толку блиску, а толку далеку“ на 27 јануари.

Влезот за проекциите е бесплатен. Кинотеката ја организира филмската недела со помош на Амбасадата на Исламска Република Иран во Скопје во чија селекција се и филмовите. Програма ќе биде свечено отворена во 19.30 часот.

– Иранската е една од најистакнатите светски кинематографии. Иранските филмови се препознатливи по својот реализам, непретенциозност и едноставност во изразот. Но, преку тие навидум мали приказни се рефлeктира не само иранското општество, туку и некои универзални човекови дилеми. Такви се и филмовите од оваа селекција. Тоа се филмски наслови од поновата иранска продукција, од признати ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди, соопшти Кинотеката на Македонија