Најмногу номинации на „САГ“: Актерите гласаа за Бредли и Гага
САД- Филмското деби на Лејди Гага, романсата „A Star is Born“ во режија на Бредли Купер, има најмногу номинации за 25. SAG награди што ги доделува Здружението на филмски актери. Доделувањето на наградите SAG ќе се одржи на 27 јануари, 2019 година.
Овие награди се сметаат за најпрестижни меѓу актерите бидејќи за нив гласаат 2.500 колеги од фелата, а исто така најчесто се барометар за оскаровците таа година.
Римејкот „A Star is Born“ со Гага и Купер во главните улоги доби најмногу номинации, во четири категории: најдобра актерска екипа, најдобар актер во главна улога за Купер, најдобра актерка во главна улога за Гага и најдобар актер во споредна улога за Сем Елиот.
„BlacKkKlansman“ и „The Favourite“ добија по три номинации.
Во категоријата најдобра актерска екипа номинирани се и филмовите „Black Panther“, „Bohemian Rhapsody“, „BlacKkKlansman“ и „Crazy Rich Asians“.
Конкуренција на Гага во категоријата најдобра актерка ѝ се Емили Блант (Mary Poppins Returns), Глен Клоуз (The Wife), Оливија Колман (The Favourite) и Мелиса Мекарти (Can You Ever Forgive Me).
Покрај Купер, во категоријата најдобар актер во главна улога се и Кристијан Бејл (Vice), Рами Малек (Bohemian Rhapsody), Виго Мортенсен (Green Book) и Џон Дејвид Вашингтон (BlacKkKlansman).