Наташа Петровиќ, актерка: Берлинале ме направи славна


Наташа Петровиќ е една од најангажираните македонски актерки на филмското платно. Преубава, талентирана, комуникативна. Светска, а наша. Родена во Штип пред 29 години, завршила ФДУ во Скопје. Глумела во филмовите „Сенки“ на Милчо Манчевски, „До балчак“, „Лазар“, за кој во 2016 година ја добива наградата за најдобра споредна женска улога на Мостарскиот филмски фестивал, во „Соба со пијано“, „Сведок“, во „Еликсир“ во режија на австралискиот режисер Броди Хигс… Течно зборува неколку јазици, меѓу кои и германски, италијански и шпански.

Како урбан и славен лик, за специјалната фотосесија за „Независен весник“, ја облековме во модерни парчиња, но и во тоалети како за црвениот килим. За нејзините гардероба и чевли се погрижи дизајнерката Тања Кокев, а за шминката Александар Билјановски- Дадар.

Ти си единствена млада актерка од Македонија која ја доби наградата „Ѕвезда во подем“ (Shooting Star), како дел од програмата на Берлинскиот филмски фестивал за најдобар млад актер во Европа во 2011 година. Токму за улогата од филмот „Како да ме нема“ од Берлинале, истата година ја доби наградата за најдобра млада актерка на Интернационалниот филмски фестивал во Сиетл, САД. Во 2015 година повторно бевте на овој престижен фестивал со филмот„Еликсир“ на австралискиот режисер Броди Хигс. Колку Берлинале беше пресуден за твоите талент и слава?

– Се радувам дека ја имав честа да бидам една од десетте млади актери во програмата „Шутинг старс“ во 2011 година, година која беше многу важна за мене како актерка. Имав можност да видам како функционира еден сосема поинаков свет од мојот, да бидам опкружена со многу познати филмски ѕвезди, награда да ми врачи Ралф Фајнс и да остварам контакти со многу битни кастинг-директори со кои сѐ уште сум во контакт. Секој фестивал постои за да го промовира она што смета дека треба да го види или забележи пошироката јавност. Јас сакам да верувам дека она што најгласно говори за тоа колку некој е талентиран или славен се делата што ги остава зад себе, а фестивалите помагаат за промоција на истите и отвораат врата за нови соработки.

Каква беше дружбата со другите избрани ѕвезди во подем од Европа? Дали сѐ уште контактирате со нив?

– Со оглед на тоа дека целата програма е склопена за постојано да бидеме сите присутни на исти настани, можам да кажам дека многу време поминувавме заедно дружејќи се, споделувајќи искуства и запознавајќи се. Имав среќа да бидам дел од една прекрасна група луѓе и сѐ уште сум во контакт со дел од нив и се среќаваме на фестивали низ годиниве.

Веќе имаш искуство во странски копродукциски филмови. Зошто не избра својот талент да го развиваш во странство? Немаше добра понуда или…?

– Можеби некој би рекол дека тоа што не заминав некаде надвор од државата пред неколку години е многу голема грешка, некој би го тврделе спротивното, јас сметам дека сѐ во животот ни се случува со причина и дека универзумот за секој од нас има подготвено животна приказна која ја живееме или нѐ чека да ја изживееме. Сметам дека никогаш не е доцна за ништо, дека никогаш ништо не е изгубено или целосно заборавено. Шансите за работа доаѓаат каде и да си и никогаш не треба да тажиме по оние што сме ги пропуштиле, бидејќи веројатно тие не биле оние вистинските за нас.

Што е според тебе најважно за успех? Талент, среќа, изглед или добар агент?

– Сметам дека за успех пред сѐ треба многу посветеност, работа и себенадградување како актер, но се разбира во комбинација на талент, добар агент и пред сѐ многу среќа бидејќи изгледот не секогаш е пресуден фактор за успех во нашата професија.

Кој те застапува тебе во странство?

– Анила Гајиќ е мојата агентка која е сопственик на агенцијата „Зона талент“ во Сараево и која е прва и единствената агенција во Босна и една од водечките агенцииво регионов која официјално застапува актери на Балканов.

Која ти е најдрага улога?

– Би сакала да го избегнам клише-одговорот, како сите улоги ми се драги, но сепак е неизбежно да го кажам тоа. Некако ми доаѓа исто кога прашуваат родител кое дете најмногу си го сака. Секоја улога носи некои нови возбуди и радости, откривање нови простори во себе кои не си знаел дека постојат сѐ додека не допрела светлинка до нив и оставаш дел од себе во секоја од улогите на кои работиш, така што не би можела да одвојам само една како најдрага. Сите се драги, сите се мои, сите ги носам со себе и на себе.

Кој филм од светската кинематографија ти остави впечаток?

– Од последните филмови што ги имам изгледано периодов, можам да го издвојам „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Одличен кастинг, одлична приказна и извонредна актерска игра.

Со кој режисер би сакала да работиш?

– Би сакала да работам со многу режисери чии дела ги ценам и ми се допаѓаат вклучувајќи ги Вес Андерсон, Вуди Ален, Тим Бартон, Теренс Малик, Ханеке, Тарантино…

Како гледаш на случувањата во Холивуд откако ѕвезди јавно проговорија за сексуалните напади и вознемирувања?

– Сметам дека беше крајно време јавно да се проговори на оваа тема и да се побара преземање одговорност за ваквите акти. Не смееме да молчиме пред каков и да е вид злоупотребувања. Драго ми е што низ цел свет, а и кај нас почна отворено да се говори за она за што сѐ уште многу луѓе одлучуваат да молчат. Молкот не е спас, напротив, најчесто е продолжување на агонијата со која живееме. Никој не нѐ поседува, секој си е сам свој храм и самите одбираме дали ќе живееме во молк и мрак или ќе пуштиме нашиот глас да пробие и да биде чуен.

Твојата убавина, која ја споредуваат со онаа на легендарната Ингрид Бергман, ти донесе и други ангажмани – хуманитарни, заштитно лице на моден бренд, а сега те гледаме и во македонски реклами. Прифаќаш од задоволство или како професионалец?

– Тоа што некој го нарекува работа, јас го нарекувам задоволство на кое професионално му пристапувам, а со тоа и професионално го сработувам секој проект од кој сум дел.

Ангажирана си во Театарот за деца и младинци во Скопје. Колку се пронајде во овој жанр?

– Вработена сум во Театарот за деца и младинци веќе четири години. Работам со колеги кои си ја сакаат професијата и со кои сме секогаш спремни да скокнеме во нови предизвици. Во моментов работиме на новата претстава за младинци. Претстава којасе работи според романот „Сидарта“ на Хесе во режија на Јане Спасиќ. Акцентот на репертоарната политика на театарот е сепак ставена на претставите за деца, но не ја исклучува и младинската сцена која пробавме со две претстави во режија на Владимир Милчин „Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта или денес не напишав збор“ да ја заживееме и која поради низа причини се стишуваше, но се надевам дека со новата претстава ќе се поткрене духот и на оваа сцена. Сепак, сето она што не би можеле да го создаваме во склоп на институцијата го создаваме надвор од неа. Од таа побуда се оформи Здружението за културни активности „Артопија“. „Артопија“, пак, е една нова мала фамилија од осум члена, која на 21 март годинава ќеслави втора година постоење и со која досега имаме израснато три чеда, а тоа се претставите „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во режија на Билјана Радиноска , „Експеримент“ во режија на Јане Спасиќ и „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин. Овде твориме, создаваме и се трудиме преку театарска форма да допреме до гледачите на начин на кој не сме имале можност да го сториме тоа и да барем ако ништо друго, да поставиме прашања и да побараме одговори за она што ни тежи и нѐ мачи сите нас луѓето во ова мало задушено и се надевам не сосема изгубено општество.

Во 2011 година и шведската актерка Алисија Викандер, сега славна холивудска актерка, беше меѓу избраните ѕвезди во подем. На што се сеќавате за неа?

– Токму така. Со Алисија бевме дел од програмата „Шутинг старс“ во 2011 со уште осум млади актери од Европа. Алисија е прекрасна, талентирана и пред сѐ и многу фина девојка. Супер се дружевме тие неколку дена во Берлин. Алисија, како и повеќето актери што не се од Балканот, тогаш имаа агенти кои беа присутни и ги застапуваа, кои благодарение на тоа веднаш потоа добија шанса да бидат дел во големи филмски проекти.

Која е Наташа приватно?

– Наташа сака да слуша џез-музика по дома, да чита, да пие многу кафе и да јаде многу благо, сака да се гушка со мачиња и кучиња, да се дружи и да смее, да се бори за правда и да бара правдина, верува во бајки и неуморно размислува и крои планови за нови патувања и проекти кои би сакала да ги работи.

Твојот стил на облекување е…?

– Лежерен, не сум роб на модните трендови, секогаш го носам она во кое пред сѐ се чувствувам удобно и своја .

Како ја одржуваш ставата и формата?

– Не би можела да се пофалам со некоја суперформула за тоа како треба некој да изгледа фит, бидејќи сум човек кој не внимава премногу што јаде и кога јаде, а сето тоа се должи на динамичното секојдневие со кое се соочувам. Се обидувам понекогаш да бидам пофина кон своето тело и здравје и во тие не толку чести денови во месецот вежбам јога и се трудам да ги надоместам сите витамини што мислам дека сум заборавила да ги внесам во организмот.

Лејла Сабит     Фото: Б. Грданоски