Моќните браќа Бајрактари од Белата куќа

Љупчо Поповски

Фотографијата на мртва природа во канцеларија во Белата куќа со еден човек минатата недела во голема мера беше предмет на потсмев во македонскиот свет на социјалната интеракција. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, обидувајќи се да ја зголеми перцепцијата за својата важност во светот на овдешната политика и кај гласачите, беше застанал зад празната фотелја и работната маса на американскиот потпретседател Мајк Пенс. Сашо Орданоски таа епизода одлично ја наслови со својот текст „Артан Груби, трагачот по сопствениот идентитет“, но можеби малку потценувачки претенциозно го смести овој „пропаганден проект“ во некаква врска со „хигиеничарот од попладневната смена во Белата куќа“.

Точно, ова навистина изгледа како смешен „пропаганден проект“, но таа пропаганда е речиси неверојатно да биде помогната од некој од послугата на Белата куќа кој е задолжен за западното крило и кој може да пропушта неканети гости во најобезбедуваните канцеларии во светот. Има малку луѓе во Белата куќа кои би му овозможиле на Груби остварување на овој личен проект, а кругот уште веднаш може да се сведе на двајца – моќните браќа Бајрактари, Или и Илбер. Македонската јавност речиси не знае ништо за овие двајца Албанци од Косово, кои по бегството од татковината за време на интервенцијата на НАТО во 1999 година се пробија со светлосна брзина во највисоките врвови на американската политика. За постариот од нив, Или, со незадоволство зборуваше српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во интервју за белградската телевизија „Хепи“ по средбата на 1 декември на советникот за национална безбедност Херберт Мекмастер со шестемина шефови на дипломатии на земјите од Западниот Балкан. Дачиќ зборуваше дека бил по малку изненаден кога еден четирисетгодишен маж од екипата на генералот Мекмастер дошол до него, му подал рака и на течен српски јазик му се претставил: „Добар ден, јас сум од Косово и се викам Или Бајрактари“. Дачиќ, кој има одговор речиси на секоја забелешка при некоја средба, останал занемен – кој е овој човек во кого Мекмастер очигледно има целосна доверба. Потоа во Белград на настанот му даде и друга димензија: „Сега е јасно зошто Америка води таква политика“.

Приказната на двајцата браќа е дел од сториите за американскиот сон. Илбер беше еден од стотиците илјади бегалци во Македонија кои побегнаа од воените акции на режимот на Слободан Милошевиќ во Косово. Македонија во тоа време беше „hot spot“ за новинарите од целиот свет, па Илбер успева да стане водич на новинарската екипа на американската ТВ-мрежа Еј-би-си. Неколку месеци подоцна војната заврши, Милошевиќ го призна поразот, а Илбер Бајрактари доби американска бегалска виза и замина за Вашингтон. Потоа тој конкурира на престижниот универзитет Принстон, ги поминува тестирањата, а неколку години подоцна ги завршува студиите. Во меѓувреме, во САД пристигнува и неговиот постар брат Или, кој дипломира на Kennedy School of Government при Универзитетот Харвард. Големите амбиции во новата земја го трасираат патот кон големиот успех.

Браќата Бајрактари стануваат американски државјани во 2004 година, а од 2007 година почнуваат да работат како јавни службеници во воениот и разузнавачкиот свет. Следната година Илбер работи во Ирак заедно со генералот Дејвид Петреус, кој потоа стана и директор на ЦИА. Во исто време, братот Или почнува да се искачува на скалилата во Пентагон. За време на последните години на администрацијата на Барак Обама тие веќе беа во кругот на најдоверливите соработници на тогашниот министер за одбрана Ештон Картер. Илбер стана заменик на шефот на кабинетот на Картер, со задача министерот да ги добива навреме последните информации за националната безбедност и надворешната политика. Патува во странство заедно со Картер и присуствува на сите средби што министерот за одбрана ги има со странски претставници.

Постариот брат Или е специјален помошник на заменик-министерот за одбрана Роберт Ворк, учествува во креирањето на американската политика спрема Авганистан и Индија. Илбер е еден од клучните луѓе во администрацијата на Обама кој го подготвува нуклеарниот договор со Иран. Изгледа шокантно толку важни функции во администрацијата да им се дадат на двајца браќа јабанџии, но тоа е Америка – знаењето и посветеноста се цената кога треба. Карл Вог, поранешен висок советник на министерот за одбрана, уште пред две години изјави: „Никогаш не сум слушнал приказна за двајца браќа кои играат толку важна улога зад сцената во Пентагон“. Ерик Росенбах, шефот на кабинетот на министерот Картер тогаш зборуваше: „Тие се двајца од најпосветените луѓе што сум ги сретнал досега. Тие ги бранат американските интереси и тоа го прават на начин кој носи просветлена перспектива за улогата на Америка во светот“. Дури и прославениот новинар Боб Вудворд во неговата книга „Тајната историја на Белата куќа, 2006-2008“ пишува како Илбер Бајрактари бил вклучен од страна на генералите Петреус и Мекмастер во тимот за изработка на новата стратегија за Ирак.

Потоа дојдоа изборите, победата на Доналд Трамп и егзодусот на функционерите од администрацијата на Обама. Браќата Бајрактари останаа во Пентагон, а судбината ја сврте кон нив среќната страна кога осрамотениот советник за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин, мораше да поднесе оставка по само 24 дена и негов наследник стана генералот Херберт Мекмастер. Двајцата браќа веднаш потоа беа прекомандувани во Белата куќа, како луѓе од најголема доверба на Мекмастер. Постариот Или сега е десна рака на Мекмастер, кој одлучува кои барања можат да му бидат проследени на советникот за национална безбедност. Никој не може да стигне до Мекмастер ако не добие дозвола од Или Бајрактари. Илбер Бајрактари е постар директор за одбранбена политика во Советот за национална безбедност. „Приказната на Или го покажува она што Америка ја прави голема. Тој е американски патриот и беше чест да се работи со него бидејќи го отелотворува американскиот дух“, изјави Колин Кал, кој беше советник за национална безбедност на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден. Кога при крајот на минатата година потпретседателот Мајк Пенс беше во Подгорица, со него беа и браќата Бајрактари и притоа ги претставуваше на посебен начин. Неодамна и магазинот „Атлантик“ напиша: „Браќата Бајрактари се двајца од најважните и најдобрите луѓе во владата за кои веројатно не сте чуле“.

Од балканска перспектива косовското потекло на браќата Бајрактари автоматски се поврзува со одредена наклоност на Вашингтон кон политиките во овој регион. Но само од балканска перспектива. Доколку браќата Бајрактари не би биле целосно посветени на интересите на нивната нова татковина Америка, никогаш не би стигнале до позициите на кои беа и на кои се сега. Нивното знаење и интелектуална моќ се главната пропусница за функциите што ги вршат. И се уште еден од многуте докази за можностите што ги дава Америка – можеш да се изгубиш во големата битка за опстанок, а ако победиш се отвораат многу порти, без оглед од каде си стигнал.