Можно е да се раскине договорот со изведувачот на новата штипска Клиничка болница
Забавено тече изградбата на новата современа Клиничка болница во Штип, за што потврдува и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев.
Тој истакна дека откако биле информирани дека е забавен интензитетот на изградба, биле на терен, а минатата среда имале и средба со претставници на грчката компанија, која го доби тендерот, и со подизведувачот компанијата „Бетон“ од Штип.
– Добивме информации дека на терен нема работници и во средата имавме нов состанок со грчката компанија и подизведувачот. Нас не не интересира подизведувачот, нас не интересира изведувачот. Договорот го имаме со грчката фирма. Разговаравме и укажавме и им дадовме разумен рок од две недели, за да видиме напредок во работењето. Тие гарантираат дека веќе од наредниот ден, од четвртокот ќе имале забрзување на динамиката. Понатаму неможеме да го толерираме неработењето. Доколку не го испочитуваат рокот, ние ги разгледуваме сите опции, вели Милошев.
Тој појаснува дека пред неколку месеци утврдено е и дека се пробиени роковите за изграба на првата фаза на болницата, по што направиле нов акционен план, кој е усвоен од страна на Владата.
Според овој план градежните активности од првата фаза треба да завршат во декември 2018 година, а во која се опафатени комплетна изградба на болницата, обездување на современа апаратура и селење на пациентите и медицинскиот кадар во новиот објект, кој се наоѓа во кругот на постојната болница. Втората фаза според овој план би требало да почне наредната година, а во неа треба да се реализира рушење на објектите на кожно и очно одделение и поврзување со бункерот за акцелераторот.
Милошев вели дека доколку не се интензивира изградбата на новата болница се разгледува и опцијата за раскинување на договорот со изведувачот. Новата Клиничка болница во Штип чини 30 милиони евра и треба да биде најсовремениот објект во земјава, изграден по сите светски стандарди, каде што ќе се лекуваат потенцијални 200.000 пациенти од источниот и југоисточниот регион на земјава.