Мобилните, техничката стока и услугите од операторите и банките најчести проблеми за потрошувачите

Неквалитетни мобилни телефони, мебел, обувки, недостатоци на прехранбени производи, како и услуги од мобилни оператори и банки се проблемите со кои најчесто во текот на минатата година се соочиле потрошувачите во Македонија.

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија за МИА, велат дека најголем број од поплаките од потрошуачите се однесуваат на остварување на правата на замена на технички производи со недостатоци, како и поплаките на потрошувачите за неквалитетни производи што веднаш покажале недостаток.

– Најголем број од овие проблеми се однесуваат на сервисирање на технички производи, односно предничат проблемите со мобилните телефони, како проблем со најмногу поплаки во однос на сите други. Пред сè, станува збор за континуирани сервисирања на еден ист производ и повеќе од три пати за кој потрошувачите тврдат дека има фабричка грешка, односно дека не може да се поправи поради тоа што недостатокот континуирано се појавува, или за случаи кога мобилниот телефон што го добил потрошувачот се расипал во првите неколку часа од употребата. Потрошувачите велеа дека одбиваат истиот да се сервисира и дека бараат нов производ од трговецот, но не можат да добијат нов производ, појаснуваат од ОПМ.

Оттаму додаваат дека се случува потрошувачите се повеќе да пријавуваат дека им е испорачан механички оштетен производ. Најголем дел од случаите се однесуваат на големи производи од бела техника или други технички производи, како на пример телевизори, машини за перење и слично.

– При испораката на производот, додека тој се уште е спакуван во оригиналната фолија односно кутија, тие потпишуваат дека го примиле производот незнаејќи дека е оштетен, но, меѓудругото, со тој потпис потврдуваат дека производот е добиен во исправна состојба без оштетувања. Ова се случува поради неповолната положба во која е ставен потрошувачот, во момент на брзање и организација тој не проверува дали навистина производот е исправен и неоштетен, па потпишува верувајќи му на трговецот односно на доставувачот, истакнуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Голем број поплаки во изминатиот период пристигнале за неквалитетна изработка на разни видови мебел, како и непочитување на одредби од договорот за изработка и продажба на мебел и негово доставување во рок од 30 дена, согласно Законот за заштита на потрошувачите, како и Законот за облигациони односи.

Во овие ситуации, истакнуваат од Организацијата, кога се работи за договори со фиксен рок, откако ќе истече рокот за достава, договорот за продажба се раскинува ex-lege, односно по сила на самиот закон.

Потрошуваите се жалеле и за обувки и облека, односно на неквалитетен материјал што веднаш се оштетил, но потрошувачот не може да го оствари правото од Законот за враќање на производот и замена со друг или враќање на парите, бидејќи веќе е отпакуван и малку извиткан.

Во вакви случаи Организацијата апелира до потрошувачите да ги чуваат фискалните сметки од овие производи, иако не е издаден гарантен лист како кај техничките производи, согласно Законот тие имаат шест месеци гаранција со самата фискална сметка.

Потрошувачите пријавувале и расипани производи или најден предмет во храната. Пријавувале производи со поминат рок или неквалитетни производи, како расипани, мувлосани производи во кои е најден инсект или тврд предмет.

Најголем број од пријавите се однесувале на проблеми на декларацијата на производите, за која потрошувачите посочувале дека е со премногу мали букви, дека воопшто ја нема, дека не е на македонски јазик и кирилско писмо итн.

Туристичките патувања се меѓу услугите на кои се жалеле македонските граѓани. Од Организацијата оценуваат дека бројот на поплаки е зголемен, но дека сериозноста на проблемите се намалени и дека измамите или недоследностите во договорите со туристичките оператори, односно недоследностите при исполнувањето на обврските кон потрошувачите е помало во текот на летниот период во однос на минатата година.

Проблемите со мобилните оператори, односно сметките кои им се доставуваат на потрошувачите и во текот на минатата година предничеа во однос на проблемите на потрошувачите на национално ниво со јавните услуги, но од Организацијата додаваат дека во текот на 2017 година граѓаните посочиле и нови проблеми како мрежното покривање, нефункционирање на СИМ картичката, проблеми при менување на тарифата итн. произлезени од спојувањето на два од трите мобилни оператори, како и за надоместокот што се наплаќа при повторно вклучување во мрежата ако потрошувачот бил исклучен поради неплаќање на сметката.

Во делот на електрична и топлинска енергија граѓаните најмногу поплаки имале за паушални сметки и наплаќање на заостанати долгови.

Нередовното читање на мерните апарати придонесе за голем број на паушални сметки, кои, според тврдења на потрошувачите, се многу поголеми од просечната потрошувачка на семејството. Честите прекини во испораката, исто така, се проблем со кој се соочуваат потрошувачите од одредени реони, истакнуваат од ОПМ.

Јавувања имало и за проблеми со водоснабдувањето кои се однесувале на комуникацијата со јавното претпријатие во однос на проблем со заостанат долг или исправност на мерниот апарат.

Од поплаките на потрошувачите за финансиските услуги најмногу биле за тоа како да најдат начин да решат проблем со банката во однос на пресметка на некоја камата, затворање или отворање на сметка или кредит.

Од Организацијата посочуваат дека се повеќе поплаки од граѓаните стасуваат и за куќните совети, односно за несовесна односно непрофесионална работа на управителот на зградата, како и неисполнети обврски од договорот.

Во текот на изминатата година, Организацијата на потрошувачите на Македонија преку советодавното биро во Скопје остварила вкупно 910 советувања. Најголем број на советувањата се дадени по телефонски пат (570), потоа по е-пошта (274) и лично (66).