МКЦ доби нов директор


Русе Арсов е новиот директор на Младинскиот културен центар во Скопје. Промената е направена денеска, дознава „Независен весник“, а информацијата ја потврди и сега веќе екс-директорот Златко Стевковски и Град Скопје под чија надлежност е оваа институција.

Од Град Скопје велат дека екс-директорот си поднел оставка од лични причини.

Во телефонскиот разговор за „Независен весник“, Стевковски само кратко потврди дека повеќе не е на функцијата, но не прецизираше дали самиот поднел оставка.

– Така е, како што е. Не е важно дали сум поднел оставка – рече Стевковски.

Новиот директор на МКЦ, Русе Арсов, за „Независен весник“ рече дека многу е рано за да може да зборува за евентуални промени и новини во работата на МКЦ.

– Доаѓам од внатрешниот тим на МКЦ, но сè уште е рано да кажам детали. Новитети секако ќе има, дел од нив веќе подолго време сме имале намера да ги реализираме. Ќе продолжам да работам за МКЦ да остане најдобрата институција од областа на културата – изјави Арсов за „Независен весник“.

Ова е прва смена на директорска позиција на една од неколкуте културни институции под надлежност на Град Скопје.
Извесно е дека нови директори ќе добијат и останатите.
Досега, Град Скопје смени само тројца директори на јавни претпријатија.

И.Н.