Мицотакис: Владата со „Новартис“ сака да го одвлече вниманието за скопското прашање


Претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис ја обвини Владата на Грција дека со скандалот со фармацевтската компанија „Новартис“ сака да го одвлече вниманието на јавноста од актуелните проблеми, а меѓу нив и прашањето за името.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Мицотакис изјави дека грчкиот премиер Алексис Ципрас е опасен не само за економијата и националните прашања, туку и за самиот демократски легитимитет и независноста на институциите.

– Господинот Ципрас и неговите соработници ја водат земјата по многу опасни патеки. Го гледаме тоа во случајот со „Новартис“. Владата сака да го одвлече вниманието на јавноста од четвртиот меморандум и мерките што веќе ги има потпишано. Од секојдневниот живот на луѓето што секој ден станува потежок. Од отстапките во националните прашања, посебно од управувањата со скопското прашање, со кои не се согласуваат мнозинството Грци. Се обидува да се спаси преку тоа што знае да го прави најдобро. Да ги клевети неговите политички противници и да ги дели граѓаните, изјави Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија, бара целосно и итно појаснување на целиот случај со фармацевтската компанија.