Лицата со ниски примања автоматски ќе се пререгистрираат во ФЗОМ

Лицата со ниски примања и оваа година нема потреба да доаѓаат во Фондот за пререгистрација за остварување на право на здравствено осигурување.

Од Фондот информираат дека автоматската пререгистрација ќе биде извршена за лицата кои оствариле нето приход под 144.000 денари и оти тие нема потреба да дојдат во Фондот.

Во соопштението додаваат дека лимитот според кој граѓаните го остваруваат ова право бележи континуиран раст и од 96.600 денари во 2014 година, во 2015 година изнесуваше 115.080 денари, 120.960 денари во 2016 година и 144.000,00 денес што, истакнуваат од ФЗОМ, е последица на растот на минималната плата.

Фондот автоматски ќе ги пререгистрира и лицата кои последните два месеца оствариле приход помал од 24.000 денари, а се во категоријата на осигуреници кои оствариле приход од 144.000 денари до 204.480 денари минатата година.

Другите две категории осигуреници, појаснуваат, кои плаќаат 50 проценти или 100 проценти од здравствениот придонес на просечна плата, ако се во рамките на лимити 144.000 денари до 204.480 денари, исто така не е потребно да дојдат да се пререгистрираат на шалтерите на подрачните служби на Фондот.

На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување, нема да добиваат нови решенија по пошта, додека лицата на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе добијат решение по пошта и ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.

– Лицата кои ова право не го искористиле и не се во базата на Фондот, а се во овие категории на приходи потребно е да дојдат и да се пријават на шалтерите во подрачните служби на Фондот. Исто така и лицата кои првпат поднеле пријава за здравствено осигурување во текот на месец јануари 2018 година потребно е да дојдат на шалтерите во Фондот повторно да се пријават, согласно сегашните објавени законски лимити, бидејќи истите за 2017 година се зголемени со цел да го остварат правото на здравствено осигурување. Бројката на лица кои поднеле првпат барање во јануари 2018 година изнесува 3953 лица и истите потребно е да дојдат и да се пререгистрираат. Воедно и лицата кои имаат промена во висината на нето приходите, потребно е да дојдат во подрачните служби на Фондот од 1 февруари до 31 март оваа година и да донесат документи за нова пререгистрација, велат од ФЗОМ.

Како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување брачен другар и деца.

Доколку се утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош.