Лето


ЛЕЈЛА САБИТ

По третиот бран на Ковид-19, сите сакаме да не заплисне морски бран.

Место по улици, да газиме по мек песок, потпетиците да ги замениме со боси нозе, деловната облека, со завиткани ногавици, а автомобилите, моторите и велосипедите –со душек или чамец под силното сонце.

Никогаш не е рано или доцна, во сезона, или вон сезона, во пандемија или во нормални услови,  – за одмор за душа и тело зашто така чувствувате или другите така мислат.

Секогаш во вашиот уморен, стресен, хаотичен, полн со обврски и проблеми или здодевен и рутинизиран живот има место за еден морски бран и воздух, за еден изладен коктел , за залез на сонце над морската шир, за еден опуштен детски излет без поза, драма или дотерување.

Само вие или со најблиските, на ти со синилото долу и горе, на плажа, на дистанца и подалеку од очите на јавноста, со желба да не сретнете никој познат.

На одмор секогаш книгата, самотијата или друштвото ви се најдобри пријатели или едноставно погледот кон морскиот хоризонт ви се доволни за враќање на енергијата и полнење на батериите за испишување на нова работна и животна страница, а сега за поздрав свет, со нови херои кои се околу нас, а ние (не) ги препознаваме.

Досега, се што беше убаво, кратко траеше, а се што предизвика тага-траеше цела вечност. Или тоа што го броевме или ви го броеја летнуваше за миг, на болката не и се гледа крајот-ама надежта и спомените на спокојните лета испишани на мекиот песок, ниту животните бранови не можеа да ги избришат.

Ова лето  располагаме со најголемиот луксуз- времето. Време е убаво и темелно да ги обмислиме следните проекти, да истражиме и научиме нешто ново, да фатиме нов бран и да сфатиме до каде сме и каде допрва сакаме да бидеме.

Морето, како мудрец кој цел живот трпел и плими и осеки, ќе не чека на истото место.

Само здравје, одговорност кон себе и кон другите и висока свест за она што ни се случува. Ќе го испливаме и овој животен маратон!