Кредит од 10 милиони евра за Крива Паланка – Деве Баир

Патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, во должина од 13 километри, ќе почне наскоро да се реконструира, а средствата во висина од 10 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Рок за отплата е 15 години години, со вклучен грејс-период од две години и променлива каматна стапка која вклучува шестмесечна камата „еуро либор“ зголемена за маргина од еден процент. Каматната стапка во моментов изнесува околу еден процент. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кое ќе го користи кредитот, ќе треба да и плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од еден процент од износот на заемот, како и провизија за неповлечен дел од заемот во висина од 0,5 проценти на годишно ниво. До крајот на годинава треба да биде обезбеден и инвестициски грант од 2,6 милиони евра преку Инвестициската програма за Западен Балкан. Специјалниот фонд на акционери ќе обезбеди техничка помош.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов информираше дека е завршена целосната документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на животната средина и се подготвува документацијата за одобрението за градење и ќе може веднаш да се стартува со работа. Во тек е тендерска постапка за избор на надзор на градба.

„Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно, ќе се прошири секаде каде што може со трета лента на постоечките, ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце“, рече Китанов.

Делницата, како што пишува во проектот, во моментов „не овозможува потребна брзина на возење. Некои локации на овој пат се сметаат за мошне опасни и со недоволна видливост на патот. Значително острите кривини, исто така, влијаат на сообраќајот и безбедноста на патиштата. Исто така, бројот на сообраќајни несреќи е забележан од надлежните органи на овој дел од патот. Поголемиот дел од постојниот А2 пат е со две ленти. За да се овозможи континуиран проток на сообраќај, поради стрмниот терен, трета, бавна лента (околу 5 километри пред границата) веќе е изградена и ставен во употреба“.

Проектот ги задоволува еколошките барања. Направен е елаборат за заштита на животната средина, според националната регулатива и содржи: информации за еколошките и социјалните карактеристики на подрачјето каде се реализира, еколошка и социјална заштита за областа, најверојатните влијанија врз животната средина како и мерките за намалување на негативни ефекти и нивно следење. За да го одобри кредитирањето, ЕБРД го контролира спроведувањето на преддоговорените мерки со Агенцијата за патишта. Проектот ја има поминато и специјалната ревизија, а наодите од неа се вградени во деталниот дизајн. (А.С.)