Коѕијас пристигна во Охрид
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, попладнево пристигна во Охрид. Вечерва тој ќе има работна вечера со неговиот домаќин Никола Димитров во еден од познатите охридски ресторани во центарот на градот.
Главните разговори на двајцата министри почнуваат утре наутро во Вилата Охрид. Средбата ја покриваат 60-тина акредитирани новинари од Македонија и Грција, кои очекуваат по средбата министрите да сооопштат дали и каков напредок е постигнат во разговорите за името.
Претходно шефот на македонската дипломатија Никола Димитров изјави дека на утрешната средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Охрид очекува да биде постигнат прогрес во решавањето на прашањето за името.
– Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори. Се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне, истакна Димитров по средбата со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од средбата со Коѕијас во Охрид.