Комерцијална банка влезе во Тирана банка


Комерцијална банка Скопје ја информираше Македонска берза дека заедно со групацијата Балфин потпишале обврзувачки договор со Пиреус банка за купување на акциите на Тирана банка. Мнозинството акции ќе ги поседува Балфин.

„Балфин и Комерцијална банка АД Скопје планираат Тирана банка да функционира како независна банка со која ќе управуваат искусни професионалци, предводена од меѓународен Управен одбор и ќе продолжи да ги проширува активностите на банката во Република Албанија. Тирана банка отсекогаш била клучна банка во финансискиот развој на Република Албанија и беше првата приватна банка која се појави на локалниот пазар. Со одлична репутација и вработени, Тирана банка е една од најдобрите банки во Република Албанија“, соопшти Комерцијална банка, додавајќи дека Балфин и Комерцијална банка имаат долга историја на соработка во Македонија а ова е прва инстанца за заедничко работење во Република Албанија.

Балфин стои зад проектот што треба да се реализира кај некогашниот Скопски саем, кој ќе обедини трговски центар, резиденцијален комплекс, канцелариски и станбен простор, и е проценет на 350 милиони евра. Инвестициското портфолио на Балфин во Албанија, Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Австрија и Обединетото Кралство достигнува речиси 1,4 милијарди американски долари.