Кого напаѓа Мицкоски – Заев или Груевски?


Со политички „обвинителен акт“, напишан на пет и пол страници, ќе се соочи денеска Владата на СДСМ и на ДУИ во парламентот. По десетина години владеење и само десетина месеци во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ реши да го прекине петмесечниот бојкот на парламентот со покренување гласање за доверба за кабинетот на Зоран Заев, кој е обвинет за крупни грешки во речиси сите области.

На денешната седница премиерот ќе нема директно соочување со новиот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски, кој не е пратеник. Затоа, пак, се очекува во парламентарната сала да биде поранешниот премиер Никола Груевски, за чии кабинети СДСМ, додека беше во опозиција, два-три пати покренуваше интерпелација. Овој пат впечаток е дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ја Владата, користи слична терминологија како и некогаш опозициските социјалдемократи, ако се земат предвид фразите од типот „рекордна задолженост“, „политички реваншизам“, „партизирање на институциите“, „заробено судство“…

Според ВМРО-ДПМНЕ, првиот и единствен проект на кој новата извршна власт му посветила внимание е партизирањето на институциите и отпуштањата од работа, при што се наброени повеќе установи и јавни претпријатија, главно, на локално ниво, од каде што биле наводно избркани илјадници луѓе од работа. Но, во интерпелацијата не е спомнат, на пример, податокот за ангажирање близу 1.700 рамковни административци, кои беа вработувани во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, а кои седеа дома и земаа плата.

Опозицијата обвинува и за катастрофални економски политики, така што Владата за само десет месеци, како што е наведено, успеала да ги задолжи граѓаните за рекордни 1,5 милијарда евра, без притоа да спроведе ниту еден проект. Исто така, иако Македонија во првата половина на минатата година функционираше практично без легитимна влада, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека сме единствената економија во Европа која во 2017 година не забележала раст.

Ваквите аргументи на опозицијата, според поранешниот пратеник Слободан Најдовски, се уште еден показател за тоа дека интерпелацијата не е поднесена со цел да понуди објективна критика за Владата, туку за ВМРО-ДПМНЕ да си обезбеди аргумент за враќање во законодавниот дом.

„Не може да се коментира сериозно за несериозни аргументи. Повеќето од изнесените критики се паушални или сосема неиздржани. Таков е, на пример, аргументот дека администрацијата е партизирана, иако во периодот по смената на власта речиси и да нема нови постојани вработувања во јавниот и во државниот сектор“, вели Најдовски.

Исто така, додава тој, се манипулира и со бројките за задолжувањата, при што не се зема предвид колку средства се земени, а колку се вратени.

„За да се дојде до вистинските податоци, треба да се гледа структурата на задолжувањето. Наместо тоа, опозицијата обвинува за рекордно задолжување, игнорирајќи го фактот дека средствата се искористени во најголем дел за репрограмирање и за враќање на старите долгови, и тоа со помали камати од порано“, објаснува Најдовски.

Во интерпелацијата има остра критика и за полицијата, при што е наведено дека МВР, наместо да се бори со криминалот и корупцијата, станало дувло за изнуда, поткуп и заштита на криминалот. Посочен е инцидентот со Бекир Асани и полицајката, како и набавката на 45 „шкоди“ од фирма која била донатор на СДСМ во 2016 година. Наспроти тоа, од СДСМ реагираа вчера дека е несериозно ВМРО-ДПМНЕ да зборува за работата на полицијата.

„Лицемерно и несериозно е ВМРО-ДПМНЕ – партијата која 11 години го партизираше и злоупотребуваше МВР и го претвори во МВРО-ВМРО, денес да зборува за работата на полицијата. Започнатиот процес на реформа на институциите резултира со темелно департизирање на МВР, негова професионализација и зголемена ефикасност“, велат од СДСМ.

Со тешки обвинувања се соочени и министрите за здравство, за образование и за труд и социјална политика, како ресори што беа едни од најслабите алки во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Од критика не се поштедени ниту министрите за земјоделство, за градежништво и за култура. Наспроти тоа, од пратеничката група на СДСМ најавуваат дека на денешната седница ќе ги потсетат колегите од ВМРО-ДПМНЕ на нивното десетгодишното владеење и на, како што велат, погубните политики на сите полиња кои ја довеле државата до ова дереџе.

Исто така, во делот на интеграциите, министерката за одбрана е обвинета за партизирање на военото разузнавање и за нарушување на кредибилитетот на овој ресор во НАТО, наспроти очекувањата на македонските власти за поместувања на овој пат на јулскиот самит на Алијансата, по застојот што настана уште во 2008 година. Во однос на надворешната политика, пак, ВМРО-ДПМНЕ настапува со критики за несоработка на Владата со опозицијата, за асиметричност на договорот со Бугарија и за отсуство на стратегија и градење на државен консензус за името.

Александра М. Митевска

Министрите од ДУИ поштедени од критика

Министрите на ДУИ се главно поштедени од критика во интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ, каде што речиси воопшто не се спомнуваат состојбите во локалната самоуправа, во животната средина или во Секретаријатот за рамковен договор. Дури и аргументацијата во делот на економските (не)погоди е повеќе насочена кон Министерството за финансии, отколку кон ресорот економија.

Единствено е наведено дека владиниот план 3-6-9 доживеал колапс и дебакл. „Владата ја стави под знак прашалник и препораката за членство на Македонија во ЕУ, за што предупредија  дел од странските дипломати“, стои во интерпелацијата. Но таму не е конкретизирано кои дипломати излегле со такви предупредувања. Исто така, се игнорира фактот дека Македонија веќе неколку години наназад добива условени препораки за почеток на преговорите со ЕУ и дека уназадувањето на земјата на тој пат почна набрзо по добивањето на кандидатурата за членство уште на крајот на 2005 година, односно по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година.

И Советот на обвинители бил совет на СДСМ

По неколку месеци усогласување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во работните групи за реформските закони од областа на правосудството, опозицијата обвинува сега за неуспеси во правосудниот систем и посочува дека Македонија станала земја каде што политички се апсат пратеници и каде што луѓе неосновано се чуваат во притвор. Дури и за Советот на јавни обвинители, во кој повеќето кадри се од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и за кој имаше неколку скандали во последниов период, опозицијата вели дека станал партиски совет на СДСМ.

Инаку, веќе задутре се очекува опозициската партија да даде поддршка во парламентот за законите за судови, за судскиот совет, за заштита на сведоци и за новата агенција за следење на комуникациите – ОТА. Овие закони треба да се изгласаат пред објавувањето на извештајот на ЕК, нивното донесување произлезе од извештајот на Рајнхард Прибе, каде што имаше многу забелешки за функционирањето на правосудството и на безбедносниот сектор во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.