Кинотека воведува нова програма – „Уредник со причина“: Влатко Стефановски како филмски селектор

Кинотеката на Македонија од февруари започнува со програмата „Уредник со причина“, која ќе претставува селекција со потенцирање на персоналниот аспект на доживувањето на едно филмско дело. Првиот месец во улога на „филмски уредник“ ќе биде музичарот Влатко Стефановски.

„Секој месец една јавна личност ќе има можност и слобода да биде ‘уредник’ и да направи свој личен избор на филмови и да ги презентира. Честа да биде прв уредник со причина му припадна на Влатко Стефановски, еден од најпознатите и најуспешни македонски музичари. Неговиот опус е сестран и освен неговите познати чисто музички проекти со „Леб и сол“, тој е автор и на филмска музика, па разбирлив е неговиот избор на филмови со моќна музичка подлога“, велат од Кинотеката на Македонија за „Независен весник“.

Во филмскиот избор на Стефановски се содржат три филма, и тоа: „Париз, Тексас“ на Вим Вендерс, „Големата убавина“ на Паоло Сорентино и „Мирно лето“ во режија на Димитрие Османли.

Прикажувањето на филмскиот избор на Стефановски ќе биде на 26, 27 и на 28 февруари, сите проекции почнуваат во 20 часот.

Програма:
26 февруари – 20:00
„Париз, Тексас“
Режија: Вим Вендерс
Сценарио: Сем Шепард, Л.М. Кит Карсон, Волтер Донохју
Улоги: Хари Дин Стентон, Настасја Кински, Бернард Вики, Хантер Карсон, Дин Стоквел

27 февруари – 20:00
„Мирно лето“
Режија: Димитрие Османли
Сценарио: Фрида Филиповиќ
Улоги: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко, Стојка Цекова

28 февруари – 20:00
„Големата убавина“
Режија: Паоло Сорентино
Сценарио: Паоло Сорентино
Улоги: Тони Сервило, Карло Вердоне

„Париз, Тексас“ е добитник на канската „Златна палма“ во 1984 година. Еден човек се појавува од пустината, не знае ни кој е, ни каде оди. Неговиот брат го наоѓа и му помага да се присети дека пред четири години заминал и ги напуштил сопругата и синот. Постепено, како што му се враќаат сеќавањата, тој стапува во контакт со различни луѓе од своето минато.

Вториот избор, или „Мирно лето“, е познат како првата македонска филмска комедија и се вбројува во еден од класиците на македонската кинематографија. Преку една мошне едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идејата за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира да се преселат во Охрид, каде што се надеваат дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, како што ќе дознаат јунаците на оваа приказна, нештата никогаш не се толку едноставни.

„Големата убавина“ од Сорентино, пак, е визуелно спектакуларен филм во кој се насетуваат моменти од класичните дела на Федерико Фелини. Овој проект на Паоло Сорентино беше прифатен со воодушевување од фестивалската публика и од критичарите. Рецензентката на „Њујорк тајмс“ филмот го нарече „невообичаено забавна халуцинација“, а според „Варајети“, станува збор за „неверојатна кинематографска гозба“. Новинарот Џеп (Тони Севило, кој глуми и во „Гомора“) е дел од римските литературни кружоци уште од големиот успех што го постигнува со својот еден и засега единствен роман. Вооружен со ѓаволест шарм, тој со децении си го пробива патот низ богатиот ноќен живот. Но кога неговиот 65. роденден се совпаѓа со еден шок од минатото, Џеп почнува да ја врти својата духовитост против себе и своите современици и, занемарувајќи ги екстравагантните ноќни клубови, забави и кафулиња, тој го доживува Рим со сета своја величественост – вонвременски пејзаж со апсурдна, но неверојатна убавина.

(И.Н.)