Кајко Фејсбук ги реши изборите во САД и Брегзит? Стив Бенон „мозокот“ во „Кембриџ аналитика“

На 9 ноември 2016 година, кога Михал Косински се разбудил во хотелот „Зинерхаус“ во Цирих, веќе веста била на сите телевизиски канали. Доналд Трамп е избран за претседател на САД. Но, додека останатите славеле или тагувале, а некои, пак, со неверување зјапале во екраните, Косински знаел дека политичкиот земјотрес во Вашингтон на некој начин има врска со него. „Трамп никогаш не се јави да каже благодарам“, раскажа полскиот научник неодамна. А, американскиот претседател има голема причина да му биде благодарен.

Михал Косински (35) пред 10 години е примен во Центарот за психометрија на познатиот британски универзитет „Кембриџ“. Тоа било првото место на светот каде што психометријата (мерење на психолошките карактеристики на луѓето преку статистики) организирано се изучувала. Тогаш во медиумите не се говорело за тоа, не бил познат ниту поимот „големи податоци“, а Фејсбук во тој период имаше само 100 милиони корисници – дваесет пати помалку од денес. Но, работите почнале да се менуваат, а Косински бил толку вреден што набргу го добил  прекарот Гуру на психометријата.Со помош на податоците што луѓето доброволно ги оставале на неговата апликација на Фејсбук, младиот научник за брзо време можел да дознае неверојатни работи за корисниците. На пример, мажите што ја сакаат козметичката линија МАК многу веројатно се хомосексуалци. Тие што слушаат „Ву Танг Клан“ е речиси извесно дека се хомосексуалци. Но, тоа бил само почетокот.Косински во 2012 година докажал дека со вкупно 68 лајка на Фејсбук, со веројатност од 85 отсто може да се утврди бојата на кожата и сексуалната ориентација на корисникот и дали некој гласа за американските демократи или републиканци. Со 300 лајка може да се предвиди однесувањето на некои личности подобро отколку што би предвиделе нивните животни партнери. Со уште повеќе лајкови може да се познае личноста подобро отколку што таа себеси се познава.

Како сето ова е поврзано со Доналд Трамп, Косински раскажа за швајцарскиот весник „Магазин“ уште пред година и половина. Пред четири години му пришол Александар Коган, асистент на „Кембриџ“, и пробал да го заинтересира за работа во фирма која би сакала психометриски да проучи десет милиони корисници на Фејсбук. Фирмата е „Стратеџик комјуникејшнс лабораторис“, а зад неа е скриена мрежа на сопственост, некои сестрински фирми кои, на пример, развивале методи за манипулација со жителите на Авганистан. Една од поврзаните фирми е и „Кембриџ аналитика“ за која цел свет сѐ уште молчи.
Косински, по овие случувања, се префрлил на американскиот „Стенфорд“. Тврди дека никогаш не соработувал со „Кембриџ аналитика“ и дека неговата метода е копирана. И тоа застрашувачки успешно.

Во ноември 2015 година кампањата наречена „Напуштете ја ЕУ“ која, при заговарањето на Брегзит ја водеше Најџел Фараж, призна дека ја ангажирала „Кембриџ аналитика“ за потреби на микромаркетинг. Што значи тоа ни објасни шефот на таа напредна маркетиншка агенција, Александер Никс. „Развивме модел кој може да ги пресмета личните карактеристики на секоја возрасна личност во САД“, се пофали Никс ,неколку седмици пред гласањето во Америка. Неговиот тим само во третиот предизборен дуел меѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон пратил 176.000 варијации на огласи преку Фејсбук. На пример, кога се работи за слободна продажба на оружје за која Трамп се заложува, плашливи типови добиваат оглас на кој се гледа рака на провалник кој крши прозорец. Пораката е: Оружјето е заштита. Мачо-типовите, за кои е утврдено дека се конзервативни и екстровертни, добиваат идилична слика од татко и син со сачмарки, во лов на патки.

Дотаму оди тоа, објасни Никс.„Можеме целно да дојдеме до селата или станбените блокови. Па дури и до поединци“.На пример, на Флорида, која е една од клучните ‘свинг’ држави во САД, постои населба наречена Литл Хаити. Луѓе со потекло од Латинска Америка обично избираат демократи, па тимот на Никс во оваа населба целно испратил пораки кои говорат за тоа како фондацијата на Клинтонови задоцнила по земјотресот на Хаити кога на луѓето најмногу им била потребна помош.Во управниот одбор на „Кембриџ аналитика“ во тој момент седел Стивен Бенон, тогаш сѐ уште уредник на популарниот десничарски портал „Брајтбарт“, идеолог и сива еминенција на Трамп. На британската фирма за целата компанија ѝ требаат само десетина луѓе бидејќи алгоритмите се веќе толку напредни и треба само да се полнат со податоци. Наводно, експертите за психометрија добиле петнаесет милиони долари од Трамп.

„Бомбата“ експлодира одамна, но дури овие денови се најде пред очите на јавноста. Никс веќе не е шеф на „Кембриџ аналитика“ бидејќи, како што официјално беше објаснето, неговото објаснување не ја отсликува вредноста на компанијата. Вредноста на Фејсбук се намали за 50 милијарди долари, во тек е кампања со која се повикува на бришење на фејсбук-профилите, а творецот на социјалната мрежа Марк Цукерберг со јавните настапи само „истури пепел“. Што всушност се случи?

Секој што ја користи социјалната мрежа се одрекува од дел од својата приватност. Секој може и да ги продаде своите податоци. Постојат трговци со оваа драгоцена суровина, а „Кембриџ аналитика“ плаќала за податоците од катастер, листите на членства во клубови, претплатите за некои весници, медицинските податоци. И колку и да ви се крена косата на главата, сето ова е легално.Но, не е легално она што го правел рускиот истражувач Александар Коган, истиот оној човек што се обидел да го вработи Косински во „Кембриџ аналитика“. Коган развил апликација за психолошко тестирање наречена „Thisisyourdigitallife“ (Ова е твојот дигитален живот) која била понудена преку Фејсбук. Околу 270.000 Американци ја прифатиле апликацијата преку своите профили.

Неволјата е во тоа што изумот на Коган пристапувал и до податоци на пријателите на таа личност, кои не ни знаеле дека таа апликација постои – на крајот, за потребите на „Кембриџ аналитика“ се собрани педесет милиони профили, од кои триесет милиони се американски. За оваа задача, Коган наводно добил 800 илјади долари. Тоа неодамна го откри еден инсајдер за „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“. Сега Коган и неговиот поранешен работодавец „Кембриџ аналитика“ се преокупирани со меѓусебни обвинувања: тој вели дека не знаел дека податоците ќе бидат злоупотребени, тие велат дека сето тоа е негово масло.

Скандалот е во Велика Британија, но не само таму – тој зафати огромни размери. Лондонскиот весник „Тајмс“ пишува за сестринските фирми кои оперирале низ Кенија, Либија, Пакистан или Индија, наводно и по налог на британската влада. Истражувачите пробуваат да издејствуваат налог за претрес на просториите на „Кембриџ аналитика“. Одборот на Парламентот за дигитални медиуми сака да го испита и шефот на Фејсбук, Марк Цукерберг.

Менаџментот на Фејсбук веќе со години знае дека креаторите на апликациите можат да пристапат и до податоците на фејсбук-пријателите на корисниците на апликацијата, но не преземале ништо. Тоа го тврди Сенди Паракилас, кој порано бил задолжен во Фејсбук за заштита на податоците. Паракилас без сомневање ќе им помогне на британските истражувачи и парламентарци.

„Некој мора да понесе одговорност за ова“, рече  пратеникот на ториевците, Дамјан Колинс. „Време е Марк Цукерберг да прекине да се крие зад страниците на Фејсбук.Приказната е далеку поголема од тоа кој колку се збогатил од  протечените податоци и нелегалното  тргување со нив. Прашање е дали неколку приватни компании како Фејсбук располагаат со оружје кое може да ги одлучи изборите и практично да владеат со светот. И дали оние што можат да го спречат тоа сакаат да ја одбранат демократијата или и самите ќе ги злоупотребат податоците. Одговорот изгледа мрачно.

„Не ја направив јас бомбата“, рече Михал Косински, психометрискиот гуру. „Јас само посочив дека таа постои“.

(Дојче Веле)