Како завршува животот на немоќните?

Валканите пелени што ги откри армијата во стан во трговскиот центар „Скопјанка“ го покажаа суровото секојдневие на шеесет и петгодишна жена која ја чувала својата уште постара, деведесетгодишна, сега почината мајка. И самата болна од канцер, одбивала каква било здравствена помош. Нејзините внуци не можат да се справат со проблемот и побараа помош од институциите. Јавноста засега ја знае само верзијата на нивниот татко, кој ја обвини мајката дека ги оставила децата сами да се справуваат со бабата, а таа заминала да живее со друг маж. Јавното обвинителство ќе испитува дали малолетното дете кое живее со својата баба е запоставувано од родителите, но драмата ги откри слабостите на социјалниот систем, кој очигледно не може да се справи со ваквите случаи. Социјалните служби единствено соопштија дека бабата не била социјален случај и дека ја советувале нејзината ќерка дека има обврска да се грижи за мајка си.

Оваа човечка судбина сепак остана недораскажана во јавноста. Односот кон оние што не родиле и одгледале останува отворено прашање, особено кога ќе станат стари и немоќни, што води до неверојатни судбини и премрежиња што треба да ги поминат. Искуството на дел од граѓаните, кои биле принудени да ги згрижат своите родители во старски дом, покажува дека првата пречка е осудата од блиските и околината, а потоа условите во државните домови. Дел од нив, бидејќи немаат да платат над 30.000 денари месечно за да ги згрижат старите и немоќни родители во некои од приватните домови, мораат да ги остават во државните.

„Бев принудена да ја згрижам мајка ми во државен дом во внатрешноста, но останав ужасната кога видов во какви услови живее. Внатре е нечисто, ѝ даваа малку храна, немаше никаква физичка активност и вежби. Ги оставаа 24 часа да лежат неподвижни со пелени“, вели жена која морала да ја остави мајка си во старски дом бидејќи немало кој да се грижи за неа. Поради нечовечките услови, ја преместила во приватен дом во Скопје каде што добила услуга од која била презадоволна.

„Во приватниот дом имаше негувателка 24 часа, социјален работник кој работеше со неа, постојано ја шетаа во дворот и сите заедно славеја родендени и празници во домашна атмосфера“, раскажува жената. Во домот немало лекар, но секој приватен дом има соработка со некој лекар кој доаѓа на повик.

Сепак, има искуства кога старите лица и во приватните домови се третираат како во евтин хотел. Некои родители остануваат сами на улица, оставени од децата, кои воопшто не се интересираат за нив. Сепак, оние што одблиску имаат можност да ја следат комуникацијата на луѓето што ги оставиле своите родители во старски дом, велат дека тие во просек еднаш на десет дена доаѓаат да ги видат своите родители и често контактираат на телефон. Но семејствата што немаат пари да платат за да го сместат својот родител во дом, ако нема кој да се грижи за него, стануваат „заробени семејства“. Социолозите се согласни дека државата преку институциите треба да обезбеди елементарна грижа за постарите.

„Ако заминале децата некаде во странство или некој нема да плати да го згрижи родителот, државата е таа која мора да го направи тоа. Затоа е социјална држава, да обезбеди елементарни претпоставки за тоа лице да биде згрижено. Но случајот со пелените покажа дека социјалната служба нема доволно евиденција, нема знаење, нема своја организација. Ваквите случаи не ги регистрира, не ги препознава. Службите треба да бидат подинамични и да ги превенираат ваквите случаи. Клучот е во зајакнување на тие институции. Државата треба да ги зајакне државните домови и социјалните служби да бидат повеќе на терен за да не се случуваат вакви нешта“, вели социологот Илија Ацевски.

„Проблем се старските домови бидејќи сите ветуваат дека ќе се градат, а ништо. Во Скопје еве има, а во внатрешноста има градови каде што нема старски домови. Старите се на товар на семејството, ако немаат пари, мора да седат дома“, вели социологот Ѓорѓи Тоновски.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа не соопштуваат никакви детали за случајот со пелените. До нив сè уште не стигнало барањето од Обвинителството. Ќе го чекаат писмено да постапуваат по нивните насоки.

Обвинителството побара од Центарот за социјални работи на Град Скопје да формира стручен тим кој ќе изготви детален извештај за семејството во кое живее детето. Тимот ќе треба да провери дали семејството досега било пријавувано во Центарот, дали било интервенирано од нивна страна и дали има пропусти во грижата на родителите за развојот на детето.

 

Луѓето се отуѓени, не реагираат на проблемите на соседите

Луѓето се отуѓени, не ги интересира дека некој од соседите има проблем и не укажуваат на социјалните служби дека во нивното соседство постои некој што не може да се справи со проблемот.

„Во соседствата не постои свест дека некој сосед има проблем. Тие треба да им укажуваат на социјалните служби дека постои човек што прави проблеми. Никој не регистрира, не укажува на тоа дека некој има проблем и дека тоа треба да се реши“, вели Ацески.

„Случајот со пелените покажа дека во станбените објекти каде што живеат повеќе луѓе заедно не функционира ниту соработката ниту солидарноста на едни со други. Луѓето се комплетно отуѓени“, вели Тоновски.

 

Никој не ги сака тие со деменција

Социологот Ѓорѓи Тоновски предупредува дека луѓето со деменција се препуштени сами на себе.

„Цели семејства имаат проблем со вакви постари лица, поминуваат по 10-15 лица низ пекол. Старските домови не ги примаат, а старите болни лица не прифаќаат платена жена да ги чува. Тие се физички здрави, но не може да се контролираат. Мислам дека овие луѓе се најслаба алка во целиот систем на социјална заштита“, вели Тоновски.

Според него, социјалната политика мора да го реши проблемот со овие лица и да најде решение за нив бидејќи поголем број од домовите се плашат овие лица да не им избегаат.

Фросина Факова – Серафиновиќ