И министерот Алаѓозовски во Давос

Министерот Роберт Алаѓозовски ќе учествува на конференција на министрите за култура од земјите потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа, која од 20-ти до 23 јануари ќе се одржува во Давос, Швајцарија, во рамки на Светскиот економски форум.

Како што објави Министерството за култура, конференцијата е посветена на заштитата на културното наследство и на градење заедничка европска политика, со која културното наследството ќе биде заштитено и зачувано заедно со историските објекти, инфраструктурата и јавниот простор, што сето заедно ќе биде референтна точка за континуирана просторна трансформација и напредок.

– На оваа конференција организирана на почетокот на Годината на европското културно наследство, министрите ќе ги усогласат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата – баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот, наведува Министерството.

Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон баукултур како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини.