И Алаѓозовски замина во Давос

Во пресрет на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, се одржува и конференција на министрите за култура од земјите потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа. Во фокусот се заклучоците за Декларацијата која го промовира концептот на култура на изградба Баукултур (Baukultur).

Конференцијата почнува вечерва со експертски обраќања, а утре, како што соопшти Министерството за култура, ќе се обрати и македонскиот министер Роберт Алаѓозовски, кој на маргините на Форумот веќе оствари средби со неколку свои колеги од Европа.

„Според министерот Алаѓозовски, културата треба да биде во срцето на урбаното планирање. Се очекува овој процес да понуди решенија за висок квалитет на сите идни градежни зафати во урбаните јадра, но и на периферијата и во руралните средини. Притоа, старите традиции треба да го детерминираат односот и кон новите градби, особено вклучувајќи ги и модерните искуства“, информира Министерството за култура.

Алаѓозовски денеска во Давос имал средби со неколку колеги, меѓу кои и министри за култура со кои се среќава првпат. Тој се сретнал со министерката за надворешни работи, правда и култура на Лихтенштајн Аурелија Фрик, министерката за култура на Литванија Лиана Руоките-Јонсон и министерот за култура на Украина, Јевген Нишчук, кој е поранешен актер и меѓу главните учесници на протестите на плоштадот Мајдан во Киев.