Интервју со Влатко Стефановски: Живееме во време на хиперматеријализам

Времињата во кои живееме се напнати и стресни, постојано се рекламираат нови брендови, насилно ти прикажуваат што треба да правиш. И да сакаш да отидеш да живееш во колиба во шума, не можеш, затоа што колиба не се рекламира. Се рекламираат станчиња на 17. кат со поглед на друга зграда, вели музичарот и најдобриот гитарист на Балканот, Влатко Стефановски, споредувајќи ја денешницата со времето во кое тој како млад преку рокенролот го менуваше живеењето кон подобро.

Тој првпат во својата кариера издаде соло акустичен албум насловен како „Мајчин јазик“ и е реализиран под капата на „Кроација рекордс“. Албумот носи десет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од „Леб и сол“.

Првично беше најавена една концертна промоција на 17 март во Македонската филхармонија, но поради големиот интерес закажани се дополнителни два концерта на 18 и 20 март.

Стефановски во изминатава година доживеа и многу тешки моменти на приватен план губејќи ја својата сопруга. Тој вели дека нема зборови со кои може да ги искаже чувствата, но се обидува преку работа и музика да продолжи да функционира.

Со човек од негов калибар не мора да има посебен повод за разговор. Секоја средба со него е инспиративна, пријатна и на крајот станувате побогат за уште неколку скалила. Такво приближно е и чувството кога ја слушате неговата музика.

*На омотот е неговата мајка актерката Нада Стефановска. Фотографијата е снимена 1946 година во театарот во Крагуевац, кога таа го толкувала ликот на Маша, во толстојевата драма „Живи мртовци“

 

Издадовте соло-акустичен албум насловен „Мајчин јазик“ во кој се наоѓаат емотивни и топли песни. Како ги избиравте?
Сами се одбраа. Имам количина песни што можам сам да ги изведам, за кои не ми треба оркестар или бенд. Тоа се песни што можам доволно богато да ги отсвирам самиот. Користам педали што ми помагаат да ја имам основната хармонија и основниот ритам, но сепак некои нумери бараат аранжман и не можеш сам да ги свириш. Овие што не бараат аранжман за среќа се нумери што се доволно заокружени и сами по себе се доволни, не им треба китење за да бидат добри. Во македонската музика сретнуваме многу песни на кои не им е потребно тоа китење, кои може да се отсвират со минимум изразни средства, а да звучат максимално богато. Самата музика носи една меланхолија, емоција на која не ѝ требаат помошни средства.

Имавте ли двоумења која песна да биде или да не биде?
Ги снимав една по една, обично оние што по концерти ги свирам сам и само ги истоварив од себе. Долго време ги носев по џебови, во свеста и потсвеста и морав да се ослободам од тој материјал.

Како е замислен концептот на концертите?
Ќе бидам сам на сцена, со тоа што таа самотија ќе ја разбијам со гости. Ќе има три сегменти со гости, дури на едниот концерт ќе бидат четири. Но да не најавувам предвреме. Самотијата ќе ја прекинувам со гостување на мои драги луѓе и одлични уметници. Најавени се оперската певица Весна Гиновска-Илкова која многу ја почитувам, потоа членовите на „Љубојна“ кои се мои добри пријатели и Билја Крстиќ, со која се познавам повеќе од 40 години, но малку сме соработувале, па ова е можност да се запознаеме подобро и на сцена.

Изминатава година беше тешка за вас и на приватен план. Како се чувствувате?
– Тешко е ова прашање. Се обидувам преку музика да кажам како се чувствувам. Што и да кажам, ќе биде недоволно кажано. Имав исклучително тежок период, се чудам како продолжив да функционирам, но тоа морам да го правам и поради моите деца и поради обврските што си ги имам зададено уште од минатото. Тука гледам лек и спас за сето она што ми се случуваше.

Можеби доцна, но државата се сети да исправи една неправда кон вас и ви ја додели наградата „11 Октомври“. Што значат за вас ваквите признанија?
– Подобро доцна отколку никогаш. Мислам дека навреме дојде тоа признание. Се разбира, јас сум почестен и благодарен. Тоа признание укажува на тоа дека можеме одвреме-навреме тука дома да си покажеме респект, внимание и љубов едни кон други. Со оглед на тоа дека живееме во напнато и стресно време кое сите нѐ гази, добро е понекогаш да се свртиме кон нешто убаво, да му дадеме признание некому, да покажеме дека некој ни значи нешто. Тоа е здрава појава. Почесто сакам да доделувам комплименти отколку критики и рецензии. Повеќе сакам да се воодушевам и тоа да го споделам со самиот автор, изведувач или со останатата публика. Повеќе сакам да се изненадам со убави работи отколку да се разочарувам, критикувам или да бидам циничен и ироничен. Позицијата на циник е многу полесна отколку позицијата на автор или изведувач. Многу полесно се критикува отколку што се создава. Потешко е да отсвириш концерт отколку да речеш не беше добар звукот, не беа инспирирани, не беше ниту светлото добро, па немаше ниту публика. Полесно е да кажеш што не чинело и да го потенцираш тоа отколку да се воодушевиш од она што чини и вреди.

Факт е дека живееме во некои турбулентни времиња. Како ја оценувате интелектуалната свест или состојба кај нас?
– Сретнувам многу умни и образовани млади луѓе, кои знаат што зборуваат и знаат што прават. Инаку, зборот интелектуалец ми е нејасен, што точно значи тоа? Дали значи мислечки човек или образован човек? Дали значи човек со докторска дисертација или значи овчар со просветлен дух? Дали е тоа човек што прочитал многу книги или направил многу убави дела? Има една екипа луѓе што себеси се сметаат за интелектуалци, а се многу залежани, салонски интелектуалци. Тоа се оние што само критикуваат и ништо повеќе. Скептичен сум кон нив. За мене интелектуалци се мислечки луѓе, кои нешто создаваат и со таа нивна креација ја помрднуваат напред целата средина и цивилизација во која живеат. Такви луѓе ме интересираат. Инаку, критичка мисла имало секогаш и секогаш ќе има кон сѐ, и кон позиција, опозиција, демократија, социјализам, комунизам, утопија, нихилизам… А, имало и креативна мисла.

Луѓето сè уште се носталгични за „Леб и сол“, повозрасните паметат концерти и анегдоти, на помладите им останаа музиката и песните. Што паметите како најсветол момент од тој период?
Не можам да издвојам една работа, тоа е долг период, тоа беше една голема животна авантура. Имало многу смешни, убави и секакви работи. Ќе се обидам тоа да го ставам во книга, која никако да седнам да ја напишам, а ја најавувам веќе подолго време.

Овој пат ќе ве држиме за збор…
Вреди да се напише книга и да се спомене се од тоа време. Тоа беа пионерски времиња на рокенролот, прво се боревме со естаблишментот на нашите родители кој беше прилично конзервативен. Општо гледано, беше конзервативна средина, а ние пуштавме и фарбавме коси, дупнувавме уши, стававме нитни по нашите тексас-облеки и изгледавме многу радикално и застрашувачки кон конзервативната средина. Во тоа време во училиштата на класен час нѐ проверуваа дали сме добро потстрижени, ако директорот смета дека не си, те враќа назад на бербер. Во такви времиња правевме рок-бендови, купувавме опрема, правевме опрема, се снаоѓавме, организиравме игранки, свирки, имаше голем ентузијазам и огромна енергија. Ние не сонувавме да бидеме богати, ние сонувавме да имаме бенд и да свириме. Сега децата гледаат како да купат стан, автомобил, да се добро облечени, тоа го сакаат сите, затоа што времето е такво. Времето во кое живееме сега е хиперматеријално. Постојано се рекламираат нови брендови кои те тераат да купуваш, да се дотеруваш, да се шминкаш. Насилно ти прикажуваат што треба да правиш. Немаш избор да отидеш да живееш во колиба во шума, затоа што колиба не се рекламира. Се рекламираат станчиња на 17. кат со поглед на друга зграда. Тоа е културата во која живееме, а дали може да си го дозволиш тоа или не, никој не те прашува. Капитализмот, консумеризмот си го прават своето. Ние бевме идеалисти и мечтаевме за повисоки вредности. Хипи-генерацијата тргна да го менува светот и доби пендрек по глава, не го смени, но се обиде. Живееше во тој занес на „flower – power“, мир, љубов и музика. Сега е сосема друго, сега се невозможни тие мисии. Иако тука морам да цитирам една генијална мисла на Далај Лама: „Немој да мислите дека ако сте мали, не може да промените ништо. Пробајте да спиете во соба со комарец. Мал е, ама менува многу“.

Никогаш да не велиме никогаш. Колкави се шансите да ве видиме и да ве слушнеме повторно со „Леб и сол“?
Упорно се извлекувам од ова прашање. Не можам ништо да ветам ниту на вашите читатели ниту на публиката. Ако дојде некаква луда можност за тоа, можеби и ќе се случи. Но во овој момент јас немам такви идеи ниту планови. Очекував дека после „Леб и сол“ ќе се појави некој друг бенд како „Леб и сол“ и уште подобар, па потоа дека повторно некој трет ќе се појави уште подобар од тие вторите. Но, времињата се изменија, такви нови бендови не се појавија, иако има многу нови млади бендови, некако тоа значење и влијание не го направија.

Бидејќи малку поразговаравме и за живеењето во стресни времиња, допревме неколку теми… Како се борите против сопствените внатрешни демони?
Има една убава мисла што морам да ти ја кажам. Вели: „Не ги бркајте своите демони, ако ги избркате нив, ќе ви побегнат и ангелите. Хранете си ги демоните, за тука да ви бидат и ангелите“. Ние сме создадени и од едно и од друго, мораме да живееме во некој баланс. Не можеме да го избереме само доброто. Зад секој агол постои опасност дека ќе те снајде нешто лошо. Не можеме да се спасиме од светот во кој живееме.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски