Измамници од прилепчанец одзеле 17.000 евра за часовник


Две непознати лица вчера со измама му одзеле 17.000 евра на Ѓ.А. (92) од Прилеп на градскиот плоштад „Александар Македонски“. Откако сфатил дека е измамен околу 13 часот настанот го пријавил во полициската станица Прилеп.

Како што информира МВР, лицата го пресретнале и почнале разговор со него, по што му дале еден машки часовник, за кој му рекле дека вреди многу пари и дека некој им го продава. Ѓ.А. им рекол дека тој има евра и отишол во банка и подигнал 17.000 евра, кои им ги дал на двете лица. Тие му кажале да ги почека за да и ги покажат парите на некоја жена, која ги чека во возило и дека ќе се вратат за пет минути, по што заминале во непознат правец.

По извесно време, откако лицата не се вратиле, Ѓ.А. сфатил дека е измамен, по што го пријавил настанот.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.