Извештај на Фридом Хаус: Македонија светла точка


Македонија е меѓу светлите точки во минатата година, според денеска објавениот извештај на Фридом хаус „Земји во транзиција 2018“.

Во извештајот се нагласува дека смената на власта во Македонија во јуни лани донесе шанса да се смени долгогодишното запленување на државата и да се решат долготрајните спорови со соседите кои го попречуваат развојот на земјата. Македонија и натаму е во групата земји „преодна влада или хибриден режим“.

Фридом хаус се навраќа на случувањата од почетокот на политичката криза во 2014, со напуштање на парламентот од страна на тогашната опозиција, политичките „бомби“, формирањето на СЈО и изборите, па сѐ до април 2017 и инцидентите во Собранието, по што е формирана новата Влада предводена од СДСМ.

„Новата Влада е силно посветена на напуштањето на статусот на ‘заробена држава’, додека ВМРО ДПМНЕ од своја страна со сите сили се бори да ги задржи своите поранешни раководители надвор од затвор, опструирајќи ја работата на парламентот и обидувајќи се да го разгори македонскиот националистички сентимент“, се вели во извештајот.

Под наслов „Ослободување на заробената држава“, Македонија во последниот извештај за прв пат по подолго време е означена како „светла точка“ или исклучок од негативниот портрет на земјите од регионов. Со тоа, земјава првпат од 2010 година ја запира надолната траекторија и бележи подигање на коефициентите, особено во однос на независност на медиумите и демократско владеење.
„Македонија најмногу ветува дека е можен демократски пробив во Европа“, се вели во извештајот на меѓународната Фридом хаус, независна организација која го мери степенот на слободата и демократија во земјите во светот.

Фридом хаус констатира дека во Централна и Источна Европа нападите врз опозициските партии, печатот и невладините организации стануваат норма, а ширењето на нелибералната политика ги поткопува темелите и изгледите за демократија. Во годишниот извештај на Фридом хаус за демократијата во Централна и Источна Европа, Балканот и Евроазија, се наведува дека нациите во транзит го регистрираа најголемиот пад во 23-годишната историја на проектот, така што 19 од 29 земји забележуваат пад на демократија.