Игор Јосифов: Фасциниран сум од руската култура и почитта кон уметноста


Македонскиот уметник Игор Јосифов штотуку се врати од Калининград, Русија кадешто поставуваше изложба со своите дела и изведуваше и перформанс. На покана на Националниот центар за современа уметност во Калининград, на 7 февруари  се отвори изложбата „#Простокосмос“ каде што Игор ја претстави инсталацијата со стaклени скулптури насловена „Разјаснување/Парчиња стакло“, во рамките на музејската изложба „Симпли спејс“. Изложбата во Калининград ќе биде достапна за публика до 17 март, а потоа патува за Москва. Куратори се Андреј Епишин од Москва и Александра Мигунова-Тиханјук од Калининград.

Инсталацијата „Разјаснување/парчиња стакло“ се состои од инсталирање стаклени скулптури и видeoпроекции врз нив, како се кршат во различни елементи.

– Со ова дело учествував на Биеналето на уметноста во Ташкент во Узбекистан, кое се одржа во октомври минатата година, а таму бев поканет од Европскиот Културен Центар – Русија. Визуелните ефекти кои се проектирани на скулптурите се во соработка со Силвија Стојановска. Руската публика покажа огромен интерес за оваа инсталација и премногу сум задоволен од искуството, од посетеноста како и професионалноста и пречекот на тимот. Андреј Епишин на официјалното отворање одржа многу интересен говор и тура низ изложбата одејќи до секое дело и ја објасни важноста на секое дело со посебно внимание за концептот и како се поврзува со темата на изложбата „#Простокосмос“, раскажува Јосифов за тамошното искуство.

Како дел од уметничката платформа „Ворота“ во Калининград, Јосифов, на 8 февруари го изведе и својот перформанс „Огнот внатре“.

– Преку нова форма го поврзав со презентација-предавање каде што го споделив мојот креативен процес, историја и однос со огнот како медиум и извор на инспирација кој се рефлектира во инсталации, перформанси, филмови, проекции кои постануваат уметнички дела. Во овој перформанс работам со метафората на оган, со што потсетува на публиката дека огнот е скриен во секој од нас. За мене овој проект е прв и основен пат кон изучувањето на слободата и на себе. Процесот на горење ми дава разбирање за тоа каде навистина сум во моментот во мојот живот. Во процесот на перформанс, танцувам со оган. Морам да бидам исклучително внимателен и претпазлив, мора да го контролирам своето дишење и секое негово движење. Но, во исто време, морам да му верувам на огнот и да го разберам – вели Јосифов.

Според впечатоците на нашиот уметник публиката покажала огромен интерес за перформансот и љубопитно поставувале прашања за се она што им се потребни одговори.

– Тоа е реткост во Русија, иако се големи почитувачи на уметноста. Ова е само почеток на една голема соработка со Руската уметничка сцена, каде што оваа година подготвувам важни проекти кои ќе бидат претставени во Москва – вели Јосифов.

Светлата Ерошина, како претставничка на Европскиот културен центар (ЕКЦ) и организатор на изложби специјално присуствувала на изложбата на Јосифов во Калининград, со цел да го поддржи и неговото прво претставување во Москва.

– За мене оваа поддршка е од огромно значење и многу сум благодарен за можностите кои ЕКЦ – Русија ми ги овозможува, како и поддршката на мојата уметност и кариера. Фасциниран сум од руската култура, како буквално сите ја ценат уметноста, односот со уметниците и почитта што го имаат меѓу себе, за восхит и пример како треба да се негува културата и уметноста – вели Јосифов. (И.Н)