За пет-шест години ќе нема кој да нѐ лекува

По околу 170 млади лекари годишно заминуваат од Македонија. Недостигот од специјалисти се чувствува во речиси сите поголеми болници и тоа ќе биде уште поголем проблем во иднина, предупредуваат претставници на лекарската фела.
Според податоците на Лекарската комора на Македонија, на сите три медицински факултети во државата во една година дипломираат околу 200 студенти. До 31 октомври 2017 заминале толку колку што дипломирале на Медицинскиот факултет во Скопје, односно околу 170 млади лекари. Болниците и сега немаат доволно доктори. Во меѓувреме, лекарскиот егзодус продолжува со несмалено темпо.

– Веќе имаме огромен одлив на лекари, особено на млад кадар. Тој одлив наскоро ќе стане и драматичен. Во одредени специјалности имаме по три до четири пати помалку кадар отколку што реално е потребен – вели Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјалисти и млади лекари.
Како пример тој го посочува недостигот на гинеколози. Во моментов активни се 144 матични гинеколози, од кои 43 се во Скопје. Според Светската здравствена организација, на толкав број население треба да има најмалку 400 гинеколози. Од друга страна, сега на специјализација по гинекологија има 40-ина специјализанти. Од нив само неколку ќе работат како матични гинеколози. Останатите се ангажирани во болници.

По неколку пропаднати конкурси што ги распиша уште претходното раководство, Градската општа болница „8 Септември“ во декември конечно вработи 60 медицински сестри. Тие почнаа со работа. Отворени се најголем дел од одделите, но кадар уште недостасува.
– Ако претходно имавме по 120 до 130 лежечки пациенти, сега се двојно повеќе. Ќе ни требаат барем уште 60 сестри. Пуштивме барање и за вработување на десетина доктори, меѓу кои хирурзи, онколози, абдоминалци – вели Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.

На универзитетските клиники се работи со помалку офталмолози, уролози, ендокринолози, педијатри, отколку што се потребни. Хроничен е недостигот на анестезиолози. Голем е проблемот и во примарното здравство, оти е недоволен бројот на матични општи лекари. Одливот на лекарите особено се чувствува во помалите градови во внатрешноста. Кога имаат потреба од специјалистички преглед, граѓаните од Берово, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Валандово, Демир Капија, Неготино, Дебар, Македонски Брод, се принудени да одат во поголемите центри во Штип, Куманово, Охрид или во Скопје.

Просечната старост на сегашните лекари на примарно ниво и на специјалистите што работат со ФЗО е 58-59 години. Оваа година во пензија ќе одат 239, а следната уште 243 доктори. Од околу 6.000 што имаат лиценца од Лекарската комора, во наредните пет години ќе се пензионираат околу 1.280 лекари. Стравувањата се што ќе се прави кога тие ќе заминат во пензија, а ќе нема кој да ги замени ако во меѓувреме државата не најде начин да ги задржи овде младите доктори.

Последното истражување за тоа колку лекари си одат од Македонија го направи организацијата „Хелтгрупер“. Истражувањето беше спроведено во Македонија, Србија, Албанија и во Косово на примерок од 4.500 лекари од четирите земји, во период од јуни 2015 до ноември 2016 година. Тоа покажа дека дури 600 лекари заминале од Македонија во последните пет години. И не само тоа, дури 70 отсто од оние што сѐ уште се во Македонија размислуваат истото да го направат во следниот период доколку за тоа им се укаже шанса, а 90 отсто од оние што заминале никогаш не би се вратиле назад.

– Странските држави имаат начин како да ги привлечат лекарите што одат таму како готов кадар. Македонија нема стратегија како да ги задржи лекарите и сето тоа за некоја година ќе се одрази катастрофално кога ќе почнат да се пензионираат сегашните лекари – рече тогаш Владимир Лазаревиќ од „Хелтргупер“.

Најпосакувана дестинација е Германија, иако има многу и во Бугарија и во Словенија. Водечки причини поради кои заминуваат се политичката состојба во државата, неможноста да се вработат, ниските плати и лоши услови за работа, но и заради можностите за професионален развој во странските држави.

Новиот министер за здравство најави повисоки плати, како една од мерките за задржување на лекарите. За околу пет отсто треба да се зголемат платите на сите здравствени работници во втората половина на годината. Дополнително, ќе се плаќаат дежурствата на докторите и на сестрите. Дежурство што сега се плаќа од 900 до 1.340 денари во работен ден, од март/април ќе биде платено 2.500 до 3.000 денари. Викенд-дежурството, кое сега е 2.800 денари или 2.900 денари, ќе биде платено 4.000 денари.
С.С.З.

За специјализантите има ветувања, но не и буџет

Во моментов на специјализација има преку 350 млади лекари, приватни специјализанти. Тие не добиваат плати, немаат придонеси ниту им се плаќаат 24-часовни дежурства, минимум по четири месечно. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се обезбедени пари за вработување на 348 приватни специјализанти, кои ќе земаат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар. Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари чекаат да го видат ова ветување спроведено на дело.
– Мерката е за поздравување и ќе ни обезбеди основна егзистенција. Но, тоа е се уште најава. Не видовме конкретен план како ќе се реализира. Нас нѐ нема во буџетот за 2018 година. Ни рекоа дека би требало да бидеме вметнати во ребалансот, некаде кон средината на годината – вели Лазаров.
За споредба, Германија им плаќа на специјализантите од 2.000 евра до 2.500 евра месечно и им обезбедува сместување во старски домови, каде што навечер работат како дежурни лекари. Условите и таму се подобри од македонските.

И приватните болници тешко наоѓаат сестри

Покрај лекари, очигледен е недостигот и на искусни медицински сестри. Од големи приватни болници во Скопје ни потврдија дека медицински сестри даваат откази за да одат во странство, а нови тешко наоѓаат. Веќе не ги привлекуваат ни платите од околу 30.000-35.000 денари во приватното здравство, кои се повисоки отколку во јавното здравство.