Заеднички против опасната агресија

Чарлс Гарет

Во тивок неделен ден, во едно од најубавите британски гратчиња, татко и ќерка беа цел на првата агресивна употреба на нервен отров во Европа по Втората светска војна.

Сергеј и Јулија Скрипал уште се во болница како последица на ова. Полицискиот службеник што отишол да им помогне сега е во критична состојба. Други 35 лица мораа да побараат лекарска помош само затоа што беа во близина кога бил испуштен нервниот отров.

Настанот во Солзбери на 4 март беше бесрамен обид да се убијат цивили на британска почва, ставајќи во опасност и други лица, од која било националност кои случајно биле во близина. Ако ова можеше да се случи во Солзбери, горчливата вистина е дека инцидент од овој вид може да се случи каде било.

Нашите научници ја идентификуваа состојката искористена против семејството Скрипал како руски воен нервен отров познат како „Новичок“. Денес, само Русија има комбинација на атентати поддржани од државата со потврден мотив целта да биде Сергеј Скрипал и историја на производство на отрови „Новичок“.

По нападот, британската влада му даде можност на Кремљ да објасни дали некоја од овие супстанции им исчезнала. Но барањето беше игнорирано со презир, што ја остави владата без друг избор освен да заклучи дека руската држава е виновна за обидот за убиство во британски град, преку употреба на смртоносен нервен отров забранет со Конвенцијата за хемиски оружја.

Инцидентот во Солзбери е дел од серијата прекршувања на меѓународното право, најфрапантно во Крим, Источна Украина и Грузија. Тоа е дел од историјата на мешање во други земји, каде што се вклучени и неуспешниот воен удар во Црна Гора и сајбер-нападите на германскиот Бундестаг, на данската влада и други. Симптоматично е како тоа Русија не го цени животот на цивилите: сите се сеќаваме на летот МХ17 соборен од актери со руска поддршка и вооружени со руски оружја. А, сега употребија забранет нервен отров на европска почва. Фактот што нема поголем број луѓе во болницата во Салзбери е само чиста среќа. На сторителите очигледно не им било грижа колку невини животи ќе бидат ставени во опасност.

Изминатата недела, според официјално руско соопштение за медиуми, нивниот заменик-министер упати закана кон Македонија дека чекорот кон членство во НАТО може да има негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи. Настаните во Солзбери покажуваат колку далеку е подготвена да оди Русија за да ги нападне оние што имаат различни цели и мислења.

Британија одговори на нападот во Солзбери со протерување 23 лица кои се недекларирани разузнавачки службеници во руската амбасада во Лондон. Но целата меѓународна заедница треба да застане заедно за да ги одбрани правилата од кои зависи безбедноста на секоја нација. Доколку не го сториме тоа, руската држава ќе продолжи со својот модел на опасно и деструктивно однесување.

Нашиот спор не е со рускиот народ, чии културни и книжевни достигнувања се добро познати низ вековите. Ние никогаш нема да ја заборавиме храброста што ја покажа рускиот народ за време на Втората светска војна, ниту нашето сојузништво против нацизмот. Но сите имаме обврска да се спротивставиме на амбицијата на Кремљ да ја подели и да ја ослаби меѓународната заедница.

Иако одговорот на Британија беше гласен, тој исто така е во согласност со нашите вредности како либерална демократија која верува во владеењето на правото. За многу Руси нивни дом е Британија. Тие ги почитуваат нашите закони и имаат значаен придонес во нашето општество и остануваат добредојдени.

Но секој пат кога руската држава ги крши меѓународните правила, тоа повеќе личи на закана. Овој инцидент се случи во мирен провинциски град во Британија, следен пат може да биде на македонска почва или во вашиот роден град.

(Авторот е амбасадор на Велика Британија во Македонија)