Заев: Капацитетите во Радовиш потенцијал за инвеститорите


Владата прави напори на инвеститорите да им го понуди потенцијалот што го има Македонија, посебно во делот на инфраструктурата и објектите. Се надевам дека од сите оние компании кои во голем број доаѓаат тука и се заинтересирани за вложување, ќе направиме спој со капацитетите во Радовиш, Јака Табак, АД Јака 80 и Гоплдмак, рече премиерот Зоран Заев одговорајќи на пратенички прашања.

Заев оцени дека сите компании во Радовиш се во лоша состојба. Во „Јака Табак“, како што рече, 60 отсто од вкупните побарувања ги имаше Стопанска банка АД Скопје, преку извршители се дадени насоки, а за останатиот дел се водат судски постапки. За непродадениот имот се планира негова распределба на доверители, согласно закон.

„Јака 80“ е во приватна сопственост и со решение од Основен суд Скопје 2 од 05.12.2014 година е поднесена постапка за реорганизација.

– На таа постапка за реорганизација е договорено 30 отсто од вкупните побарувања да се избришат и простат од доворителите, а остатокот со реорганизацијата да им се враќа на доверителите на три еднакви рати. Првата рата требало да се заврши до 31.12.2017 и не е исплатена, се доцни. Имаме фокус и на ова прашање и сакаме оваа компанија да биде надежна и да функционира, истакна премиерот.

Тој информира дека „Гоплдмак“ е приватна компанија, но не е активна долг период. Заев веќе одржал еден состанок со компании кои сакаат да ги искористат потенцијалните можности и лиценци кои „Голдмак“ ги поседува.

За тоа дека во Радовиш нема нотар, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски рече дека тоа е поради важечкиот Закон за нотаријат, донесен 2016 кој, како што рече, има одредби кои се небулозни и не се правно основани. Според него, изготвени се измени на овој Закон и во тек е нивно усогласување. По донесувањето на измените ќе бидат објавени и огласите за полагање нотарски испит и конкурсот за избор на нотар, две места во Радовиш.

– Ги менуваме условите комплетно. Се враќаме на стариот систем и ќе биде многу поолеснето полагањето и самиот избор на нотар, рече Ристовски.