Државна пензија без еден ден стаж

Пензија ќе земаат и оние што немаат 15 години стаж, но само ако немаат други приходи. Најверојатно износот ќе биде 40 отсто од просечната старосна пензија или близу 6.000 денари. Мерката ќе стартува најдоцна до 2020 година. Ова е едно од ветувањата на СДСМ во предизборната кампања за кое веќе се работи во Министерството за труд и социјала.

Иако голем дел од граѓаните, посебно оние што спаѓаат во оваа категорија лица, веднаш ја поздравија одлуката, сепак, се отвара прашањето дали ова е еден вид контрадикторна политика на Владата во услови кога дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) секоја година станува сѐ подлабока и подлабока.Меѓународниот монетарен фонд( ММФ) неколку пати досега алармираше дека треба да се зголеми старосната граница за пензионирање во Македонија бидејќи пензинскиот фонд во земјата е пред колапс.

– Во поглед на пензискиот систем, Владата ќе го стабилизира Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и ќе гарантира редовна и одржлива исплата на пензии. Усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати годишно, а ќе се воведе можност за предвремено пензионирање со максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намалување на надоместокот за пензија. Владата ќе настапи со предлог за воведување државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост кое во последните 20 години живеело на територијата на Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија – пишува во програмата на Владата 2017-2020 година.Притоа, во изборната програма на владејачкаа партија е наведено дека износот на државната социјлана пензија на почетокот ќе биде во висина од 40 отсто од просечната старосна пензија.

Од Министерството за труд и социјална политика, пак, велат дека дополнително се прават и анализи како државна пензија да добијат и лица што иако имале одредени години работен стаж, сепак не ги исполнуваат условите за старосна пензија.

– За реализација на оваа мерка, потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа, граѓани што живеат на територија на Македонија имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Македонија применува договор за социјално осигурување или, пак, со странскиот пензиски стаж и македонскиот пензиски стаж не ги исполнуваат условите за старосна пензија. Анализата треба да покаже и колку македонски државјани со возраст над 65 години остваруваат некакви други приходи – велат од Министерството за труд и социјала.

Негативните се реакциите кај осигурениците во пензискиот фонд кои велат дека тие плаќале пензиско осигурување со години, за на крај пензија на нивни грб да добијат и оние што воопшто не плаќале пензиско осигурување и немале ниту еден работен ден.

– Зошто тогаш ние плаќаме пензиско осигурување и секој месец од нашата плата се одвојуваат средства за пензискиот систем? Тогаш и ние не треба да плаќаме. Владата треба да ја преиспита оваа одлука. И така сега нема доволно пари да се исплатат пензиите на постоечките пензионери, а камоли на други што не ги исполнуваат условите – вели вели 30-годишната жителка на Кочани. Таа има 10 години работно искуство од кои само 4 години стаж.
Експертите пак алармираат дека пензискиот систем во земјата треба да се реформира и треба да се внимава какви мерки се носат.

Останува отворена дилемата како Владата планира да обезбеди средства за оваа мерка кога се знае дека секоја година се зголемува сумата што се префрла од државниот буџет за да се покрие дупката во Фондот за пензиско и инвладиско осигурување (ПИОМ).Континуираното зголемување на пензиите постојано го јаде буџетот на Македонија и ја зголемува дупката во ПИОМ, кој не би можел да исплати пензии доколку секоја година од буџетот не се префрлаат огромни суми за да се покрие пензискиот дефицит.
Во текот на 2017 година 51 милијарда денари (832 милиони евра) беа наменети за исплата на пензии, што е за 41 милион евра повеќе отколку во претходната 2016 година.Минусот во Фондот на ПИОМ кој се покривал со трансфер од буџетот во 2005 година бил 7,7 милијарди денари, а во 2016 година дупката во ПИОМ се зголемила тројно, односно недостигот на средства бил 21,2 милијарда денари.