ДОЖДОТ НАПРАВИ ШТЕТИ: Прокисна Драмски театар, поплавен подот на Музеј на Македонија


Прокиснати кровови, насобрана вода на подовите, навлажнети ѕидови. Ова е денешната слика во неколку културни институции низ земјава, како последица на интензивните врнежи од дожд овие денови. Проблематично е што овие национални институции постојано се затекнати од ваквите ситуации при врнежливо време. Претставници на Министерството за култура заедно со министерот Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот Владимир Лазовски денеска во обиколка на неколку музеи и театри констатираа дека ситуацијата е алармантна.

„Дури и при дождови кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив. Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки. Во Драмскиот Театар, во соработка со директорот Сашо Тасевски уште денес ќе се преземат мерки за санација на оваа загрижувачка состојба и за локално санирање на кровот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства кровот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар да тече без никакви пречки“, велат од Министерството.

Тие истакнуваат дека нема да се откажат од идејата за изградба на нов објект за Драмскиот театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение. Според нив Драмскиот театар е типична жртва на пректот Скопје 2014.

„Во Музејот на Македонија е исто така констатирана загрижувачка состојба, која е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава. Иако новото раководство презема итни мерки, потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од Буџетот. Музејот на современата уметност – Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати“, велат од Министерството.

Протекување на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и други објекти од кои по итниот допис на Министерството добиваме постојани известувања. Министерството за култура ја следи интензивно состојбата и е подготвено, во соработка со раководствата, да интервенира веднаш во сите итни ситуации.

 

И.Н.