Дипломатски стил во Давос: Чиста елеганција на Заев , Хан и Столтенберг


Премиерот на Македонија Зоран Заев,  еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, покажаа висока дипломатија со стилот во Давос, Швајцарија. Во тегет костуми, бели кошули и слични чевли разговараа денес, на Светскиот економски форум.

Заев и Столтенберг елегантниот изглед го надополнија со тегет вратоврски, а Хан со сино марамче во џебот од сакото.

Од различни генерации и поднебје, а сепак заеднички им се добриот вкус, почитување на дипломатскиот протокол, негуван изглед и топ-форма. Нема место за претерување ниту приватни желби, туку строги и чисти линии, и удобност во носењето на очигледно брендираните, но ненаметливи парчиња машка облека.

Шефот на македонската Влада на елитниот политички и бизнис форум беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев и од министерот за економија Крешник Бектеши.

Македонската делегација предизвика внимание со боите на вратоврските- Анѓушев избра црвена, а Бектеши-во циклама боја.

Светскиот економски форум во Давос кој по традиција ги собира светските лидери, политичката и економска елита, принцези и славни личности -колку и да е крут по прашањето на дрес-кодот кој по правило е официјален, со класични костуми и чевли, знае да го сврти вниманието од тешките разговори со модните излети на учесниците. Еден од најмоќните луѓе во светот Бил Гејтс, по правило отскокнува меѓу скапите костуми, со удобните џемпери, а лани, со изборот на чорапи, со прилично детски дезен –жолти патки, предизвика интерес канадскиот премиер Џастин Трудо.

Л. Сабит