Времето ќе не разболи: В среда температура до 19 степени


Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека идната недела се очекуваат повисоки дневни температури. Во среда дневната температура ќе достигне до 19 степени.

Во понеделник утринската температура ќе се движи од два до седум степени, а дневната од шест до 12 степени, во вторник од три до осум степени и од 10 до 15 степени, а во среда утринската од два до шест степени, а дневната температура од осум до 19 степени. Во четврток утринската температура ќе се движи од три до шест степени, а дневната од 10 до 17 степени, додека во петок утринската температура ќе се движи од нула до три степени, а дневната од 11 до 17 степени.

Во наредните денови ќе преовладува променливо облачно и значително потопло време со сончеви периоди, но локално се уште ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува повремено и засилен ветер главно од јужните правци, поизразен на планините и на југот од земјава. Ваквите временски услови во поголем дел од земјава ќе предизвикаат нагло топење на снежната покривка, посочуваат од УХМР.

Ваквите нагли временски промени лошо се одразуваат врз здравјето, советуваат лекарите. Ниски температури, под минус, а потоа одеднаш високи температури, го зголемуваат ризикот од срцеви и од мозочни удари, придонесуваат да се шират вируси, неповолно влијаат врз хронично болните лица…

Во текот на изминатото деноноќие во западниот дел од Македонија имаше пообилни врнежи од дожд, а на повисоките места и планините паѓаше снег. Времето денеска е променливо облачно и значително потопло со сончеви периоди.

Од УХМР наведуваат дека до крајот на денов не се очекуваат нови поголеми врнежи од дожд, но поради топлото време и високите температури на воздухот, снегот ќе продолжи да се топи поради што е можно заезерување на реките во рамничарскиот дел.