ВМРО како Кју Клукс Клан

Слободанка Јовановска

Ќе и одиме на гости, ќе биде пеколно….

Ова се зборовите на „граѓаните“ кои неколку дена –  како ордите на Кју Клукс Клан во САД –  го заплашуваат, го навредуваат и му се закануваат на семејството на пратеничката Фросина Ременска и на други пратеници од СДСМ што гласале за Законот за јазиците. Не краделе, не лажеле, не убивале, не малтретирале – гласале во нешто што верувале.

Меѓусебните преписки на собраните покажуваат дека зад ваквото организирано насилство стојат партиски структури на ВМРО-ДПМНЕ, иако нивниот лидер Христијан Мицкоски невешто деновиве се брани со старите флоскули – дека они рекле дека ваков неуставен и неприфатлив закон ќе предизвика гнев кај  граѓаните. Тешко дека некому воопшто му треба објаснување кој ги организира, бидејќи од месечината се гледа „печатот“ на ВМРО-ДПМНЕ. Па,оваа партија „не ги организираше“ и насилствата во Општина Центар, иако на снимките се видоа нејзини партиски членови, а од бомбите се слушна кои биле директните нарачатели кои сега одговараат за тоа насилство. ВМРО-ДПМНЕ „не ги организираше“ ни протестите за Тиранската платформа, иако при  упадот во парламентот нејзини пратеници беа фатени од камерите како отвораат врата, се прегрнуваат со насилниците и им даваат насока накаде да одат…

Очигледно, и Мицковски, како  неговиот учител Никола Груевски, е наивен „сликар“ во политиката. Верува дека во Македонија пасеме трева и дека е доволно да направи „иш“, свечено да изјави дека е против насилство, и некој да поверува во наводната спонтаност на ваквите насилнички собири, што по грешка медиумите деновиве ги нарекоа протести. Протест ли е да запалиш автомобил на пратеник или е насилство и казниво кривично дело? Протест ли е  да вршиш систематски притисок на цело семејство до доцни вечерни часови и да упатуваш закани пред неговиот дом? Протест ли е да малтретираш лично некого бидејќи има друг став за одредено прашање што не се совпаѓа со твојот партиски? Дури и со аргументите што ги употребија за да божем се оградат, Мицкоски и другите од ВМРО-ДПМНЕ само потврдија дека тие се инспираторите на собирите. Целата реторика во изјавата на лидерот на оваа партија беше во стилот „сами си го баравте“, па и вие така правевте, што мислевте кога гласавте и слично.

Иако обидот за убиство на Зијадин Села во Собранието веќе покажа дека ВМРО-ДПМНЕ расчистило со политичката коректност и демократско однесување, овој агресивен серијал пред домовите на пратениците покажува дека новото раководство продолжува по стапките на претходното, па оди и подалеку – го внесува политичкиот екстремизам во методите на своето редовно дејствување. Ако еднаш се обидоа да убијат пратеник, ако сега запалија автомобил, прашање е што ќе биде следното? Не е ли време некој да ги евидентира овие спонтани насилства и да го повика на одговорност новото раководството на оваа партија заради практикувањето на методите на политичко- криминалното подземје? Ако за ништо друго, само заради тоа што дивеењето на членовите на опозициската партија веќе ни троши премногу од енергијата  која може да биде искористена за позитивни цели на државата.

Веќе три децении ВМРО-ДПМНЕ ако не е на власт е на улица, а сега и тоа и е малку, па освојува нови простори за политичко тероризирање. Дрскоста на божем спонтано собраните  ја преминува значително границата на политичко дозволено однесување и пред се потврдува дека, по првичното затишје, радикалните структури во опозициската партија ја дигаат главата и не се плашат од санкционирање. Зошто е тоа така, е тема за друг текст, бидејќи поважно прашање сега е колку и до кога ќе им се дозволува  да ги уриваат шансите на Македонија да стане нормална држава. Инцидентот на екс премиерот Никола Груевски при гласањето на Законот за јазиците во парламентот и свесното разгорување меѓунационални тензии со лаги и претерувања околу опсегот на користењето на албанскиот јазик натера многумина да оценат дека нема надеж за Македонија. По три децении од независноста, една војна, Рамковен документ и многу драматизирани отстапки што не доведоа до никакви последици, време е ВМРО-ДПМНЕ за одговара не само за корупција, туку и за ваквите постапки. Македонија е премногу сиромашна за да плаќа функционери од оваа партија да и ги уриваат столбовите на демократијата и стабилноста.