Владата в среда ќе ја одреди сумата што ќе се потроши за референдумската кампања
На наредната владина седница, в среда, ќе се знае колку средства ќе се одделат за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу
Македонија и Грција. Досега само Министерството за одбрана излезе со информација колку средства ќе намени за претстојниот референдум.
Од другите министерства нема информации кој колку средства ќе пренамени за оваа цел, иако вчера истече рокот за да достават информации до Министерството за финансии, за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера на Отворениот ден на АРМ за граѓаните рече дека МО ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум.
Владиниот портпарол Муамет Хоџа во средата изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Кампањата, посочи тој, ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Додаде дека Владата, во текот на целиот процес ќе го почитува принципот на отчетност и транспарентност.
– Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени, рече тогаш Хоџа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа повтори дека позицијата на партијата во врска со референдумот ќе ја изнесе по сеопфатна консултација со граѓаните и внатрепартиските консултации кои се одвиваат паралелно.
Во текот на следната недела се очекува да бидат соопштени и информации за тоа дали и како пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.