Венеција и „интересните времиња“ на домашните уметници

Проектот на Музејот на современа уметност насловен како „Субверзија во црвено“ од авторката Нада Прља ќе биде годинешен македонски претставник на 58. Интернационална ликовна изложба во Венеција. Министерството за култура за овој проект ќе издвои 4 милиони денари.

На конкурсот пристигнале уште три апликации и тоа на НУ Национална галерија на Македонија за проектот „Мирисот на лебот“ од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Reaction“ од авторката Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“ од авторот Игор Јосифов.
Според образложението на стручната комисија, која ја сочинуваат професорите Мирко Вујисиќ и Тони Васиќ, и како трет член Имер Бајрами, проектот на Прља се издвојувал од останатите.

Поделени мислења за изборот
За едни таа е најдобриот избор што можеше Македонија да го направи, а други посочуваат дека не ги исполнувала зададените критериуми што конкурсот ги постави.
Уметницата Марија Павлоска вели дека, според конкурсот распишан од Министерството за култура, уметникот треба да е лично поканет од колатералните центри на Венециско биенале и да има потврден простор. Павловска вели дека освен таа и уметникот Игор Јосифов другите кандидати не го исполнувале критериум да бидат поканети и да имаат потврден простор. Уметникот Игор Јосифов на поканата на Европскиот културен центар ќе изложува на Венециското биенале 2019 година, во рамките на изложбата „Персонал стракчрс“ на една од подобрите локации таму, а тоа е Палацо Мора.
На истата локација во Палацо Мора ќе биде претставен проектот на Марија Павловска во централниот дел, кој е на истиот кат со изложбениот простор на Јосифов.
Во случајот со изложувањето на Павловска, како што нè информираше уште пред неколку месеци, станува збор за официјална покана за учество од страна на Венециското биенале за претставување во национален павилјон. Таа сега реагира дека авторката Прља не само што немала покана и потврден простор туку едниот член од комисијата, професорот Мирко Вујисиќ, ѝ бил професор на ФЛУ и кај него дипломирала.
Јосифов, пак, вели дека долги години работел на авторскиот проект „Че биде“, затоа е сигурен дека ќе доживее премиера на 9 мај на биеналето, благодарение на Европскиот културен центар и Фондацијата ГАА во Венеција.
„Одлуката е рефлексија на само три члена на жири-комисијата, затоа и не ме изненадува. Мислам дека институциите не се доволно разбудени и свесни за одговорностите што ги носи едно Венециско биенале. Институциите треба секогаш да се стремат кон транспарентно работење. За жал, тука предоцна ги објавија резултатите, што според регулациите на биеналето требаше да се случи најдоцна до 15 септември 2018 година. За да се реализира квалитетен проект, потребно е подолг временски период, затоа многу држави имаат веќе избрано претставник за 2021 година. Ќе видиме каков резултат ќе има изборот оваа година на само три месеци од официјалното отворање“, вели тој.

Прља: Дезинформација е дека немам обезбедено простор
Во изјава за „Независен весник“ Нада Прља појасни дека Вујисиќ бил асистент на сите студенти по графика, во времето додека таа студирала. Додека пак за обвинувањата дека нема обезбедено простор, таа вели дека се дезинформации.
– Заедно со фондацијата „Џервенути“ најдовме простор, односно еден од официјалните простори каде што се одржува биеналето. Станува збор за црквата Лунга Санта Катерина, која е во центарот на Венеција и е на само две минути оддалечена од Палацо Мора. Во црквата има повеќе простори, а дополнително ќе одбереме во кој точно од тие внатре ќе изложуваме. Изборот на внатрешниот простор е во зависност од повеќе фактори, меѓу кои и финансискиот – вели Прља.
Таа вели дека најважен услов за Венециското биенале е проектот со кој се претставува уметникот и тој да кореспондира со зададената тема.
– Важно е и како ќе се промовира македонската култура, јас во проектот вклучувам и големи македонски имиња, како Борко Лазески, Јордан Грабулоски… Преку овој проект ние ќе ја промовираме македонската култура во поширок контекст, а не само јас како автор. Тоа и постојано низ мојата работа и го правам – вели Прља.
Во реализацијата на проектот „Субверзија во црвено“ на авторот Нада Прља својот професионален ангажман ќе го вложат повеќе соработници меѓу кои Силвија Федеричи, еден од најголемите теоретичари на феминизмот, Маурицио Лазарети, кој активно работи со теориите на политиката, економијата и социологијата, Влад Морариу, кој е професор по култура и историја на уметноста, Борис Буден, филозоф, предавач и теоретичар и Артан Садику, кој е координатор на перформативната дискусија. Куратор на проектот е Јованка Попова, а соработник куратор е истакнатиот словенечки историчар на уметноста Тевж Логар, кој во својата биографија има забележано неколку ангажмани на Венециско биенале на уметноста досега. Првиот пат како комесар на словенечкиот павилјон во 2009 г., кога беше претставен уметникот Миха Штрукељ, потоа во 2013 г. како куратор на словенечкиот павилјон, во соработка со реномираната уметница Јасмина Цибиќ и во 2017 година, кога го претставуваше „НСК Стејт павилјонот“.
– Овие имиња што ќе се најдат на постерот за македонскиот павилјон ќе предизвикаат големо внимание кај публиката и стручната јавност – вели Прља.

Препукувањата ни се секојдневие
Мира Гаќина, директорка на Музејот за современа уметност, како носител на проектот „Субверзија во црвено“, вели дека реакции секогаш имало и ќе има.
– Нормално е да има различни мислења за тоа што е најпретставително од областа на визуелните уметности во една држава, за да биде претставено во Венеција. МСУ Скопје е една од институциите која неретко конкурира со свој предлог, некогаш тој предлог е прифатлив, а некогаш Комисијата се одлучува за некој друг кандидат. Минатата година МСУ Скопје се кандидираше за учество на Венециското биенале на архитектура и беше избран за претставник. Во однос на задоволување на критериуми, според сите информации со кои располагам, не успевам да утврдам дека нашиот предлог има некаков недостаток. Не можам да верувам дека тимот во МСУ, кој многупати до сега работел на подготвување на предлози, испуштил некаков квалитативен, квантитативен или технички критериум – вели Гаќина.
Од Министерството за култура, пак, велат дека ниту еден уметник ниту организација добива лична покана за учество на оваа манифестација за националните павилјони.
„Секоја држава изразува интерес за учество и по изборот на претставникот за таа година, истиот го соопштува на дирекцијата на биеналето“, велат од Министерството.
Куратор на годинашното издание на Биеналето во Венеција е Ралф Ругоф, кој ја утврди и генералната тема на манифестацијата: „Да живееш во интересни времиња“. При соопштувањето на темата, кураторот Ругоф појасни дека се однесува на периоди на несигурност, кризи и превирања, лажни вести, точно онака како што живееме и се однесуваме денес.

Ивана Настеска