Благој Веселинов се закити со „Ѕвезда во подем“ на Берлинале
Македонската актерска ѕвезда од филмот „Исцелител“, Благој Веселинов, за време на филмскиот фестивал во Берлин му беше врачена наградата „Ѕвезда во подем“, која им се доделува на повеќемина млади актери од Европа.
Свечената церемонија се одржа во салата „Берлин палас“, под покровителство на платформата „Европска филмска промоција“ (ЕФП).
Наградите им ги врачија членовите на овогодишното жири за оваа програма, режисерката Теона Стругар-Митевска и актерот Ингвар Сигурдсон (Исланд).
По доделувањето на наградите, следуваше проекција на филмот „Заменик“ по сценарио и во режија на Адам Мекеј.
Берлинскиот филмски фестивал во рамките на „Европски ѕвезди во подем“ промовираше пет актерки и пет актери од Европа, меѓу кои е и нашиот Веселинов. Целта на програмата е на актерите да им се овозможи полесна соработка и запознавање со кастинг-директори, продуценти и останати филмски работници. Ова е уникатна можност Веселинов да оствари лични контакти со видни професионалци од областа на европската кинематографија.
На 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал на десетте млади актери ќе им биде врачена и наградата. Програмата за таленти е финансиски поддржана од програмата МЕДИА на „Креативна Европа“ од Европската Унија.
Во појаснувањето за селекцијата на овие десет актерски имиња за Благој се вели дека има длабока и неочекувана сензитивност во многунаградуваниот македонски филм „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески.
„Европски ѕвезди“ е најстарата и најпрестижната иницијатива за промоција на европски таленти на меѓународниот филмски пазар. Досега, од Македонија како актерски ѕвезди во подем беа промовирани и Лабина Митевска во 1998 година и Наташа Петровиќ во 2011 година.
За годинашната селекција, жирито го сочинуваа американскиот кастинг-директор Ејви Кофман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, македонската режисерка Теона Стругар-Митевска, ирскиот продуцент Мекдара Келехер и Ингвар Сигурдсон од Исланд, кој беше избран за европски талент во 1999 година.
Од основањето на оваа програма досега се промовирани 303 актерски имиња од кои градат светска кариера вклучувајќи ги Алисиа Викандер, Матиас Шоенартс, Домнал Глисон, Александер Фелинг и други.
Веселинов е активен десетина години на повеќе филмски и театарски проекти, но пошироката јавност го запозна преку филмот „Исцелител“. Повеќето ангажмани во рамките на независната културна сцена вбројувајќи педесетина претстави и филмови, а од неодамна е вработен во Македонскиот народен театар.