Апсењето на таткото на убиениот Давид Драгичевиќ, Додик го нарече „несреќна околност“

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, во изјава за агенцијата „Срна“ изјави дека е разочаран од брзината со која обвинителството го води случајот за смртта на Давид Драгичевиќ.

Тој за „Срна“ рече дека длабоко сочувствува со болката на семејството Драгичевиќ додавајќи дека Република Српска е правна држава во која мора да се спроведуваат законите.

Додик додаде дека тоа што под удар на законот се нашол татко кој го изгубил синот е „несреќна околност“ додавајќи дека во која било друга земја во светот законот не би го препознал како татко кој го изгубил својот син, туку како граѓанин кој згрешил пред законот.

Инаку, во вторникот бањалучката полицијата и припадници на специјална единица на МВР на Република Српска го блокираа плоштадот „Краина“ и го уапсија Давор Драгичевиќ, таткото на убиеното момче. Полицијата ја приведе и Сузана Радановиќ, мајка на убиениот Давид.