Анѓушев: За едно исечено дрво, 10 нови на Водно


Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по барањето од граѓански организации да се промени трасата за изградба на гасоводот која минува кај Водно за да не се оштетува шумата, вели дека ќе биде минимизирано какво било оштетување, кое ќе биде компензирано.

Потребно е, порача денеска Анѓушев, да се изнајдат сите средства максимално да се заштити  зеленилото и шумата на Водно и во таа насока се прават одредени дејствија.

Според него, и да се избере нова локација и траса и на неа ќе се испречи дрво и друга природна убавна која ќе треба да биде санирана.

Промената на трасата, како што наведе Анѓушев, ќе го одложи градењето на гасоводот и снабдувањето со гас на одредени региони во Македонија на подолг период, од три, четири, пет години, а можеби и повеќе.

– Она што е направено со интервенции во постојните траси на градење  е максимално избегнато да се оштетува шумата на Водно и тука ќе биде минимизирано какво  било оштетување. Тука Владата ќе биде многу ригорозна преку своите механизми во санирање на таквата состојба и компензирање на се што ќе биде оштетено, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на повикот на Фондот за иновации за поддршка на акцелератори и технолошка експанзија.

При секој инфраструктурен проект се уништува дел од шумата, но, потенцираше вицепремиерот, многу е важно  да најдете механизми тоа да го надоместите.

– Јас лично ќе бидам поборник за секое исечено дрво да бидат засадени најмалку десет, рече Анѓушев.

Според него, многу е важно да се почитуваат обврските во еколошките елаборати и да се биде одговорен кон граѓаните и општеството,  што подразбира се што ќе се уништи да се надомести и соодветно да се санира, како компензација на тоа што ќе се направи многукратно на друго блиско место, а ако е возможно и на самото место со насади на зеленило.

– Апсолутно нема да поддржам никаква иницијатива во која нема да се санира состојбата  каде се гради или на пошумување во самата близина  и тоа многукратно повеќе од она што ќе биде уништено, рече Анѓушев.

Прашан дали Владата размислува да ја намали акцизата за дизелот вицепремиерот повтори дека во Македонија овој енергенс е најевтин  во целиот регион, потенцирајќи дека акцизата ќе се употребува за корисни работи за граѓаните.

– Ние ќе мора да ги применуваме праксите онакви какви што се во светот, каде вредноста на  тие горива се доближува. Многу е важно да кажеме  каде ќе се употреби таа акциза. Таа ќе се употреби во буџетот за корисни работи за граѓаните на РМ и она што е многу важно е дека дизелот и натаму во споредба со сите соседни држави, а не сакам да  споредувам со државите од поразвиениот  дел на Европа, и понатаму во Македонија е најевтин, рече Анѓушев.