Австриското МВР обвинето дека ја ограничува слободата на медиумите

Австрискиот државен врв и меѓународни претставници го критикуваа потегот на службеник на Министерството за внатрешни работи на Австрија, кој на регионалната полиција и препорачал да ја ограничи комуникацијата со „тенденциозни медиуми“, меѓу кои и со весникот „Стандард“.

Службеникот коментирал написи во „Стандард“ и други медиуми, кои ги оценил како некоректни кон полицијата и во интернет порака навел дека „си дозволува да им препорача да ја ограничат комуникацијата со овие медиуми до границата на неопходното“.

Претседателот на Австрија Александер ван дер Белен реагираше откако „Стандард“ ја објави електронската порака, изјавувајќи дека „слободата на медиумите е основа на австриската либерална демократија“.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, пак, изјави дека не смее да се ограничува слободата на медиумите.

Опозицијата побара остаква на министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, кој доаѓа од националистичката Партија на слободата на Австрија (ФПО).

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир го повика австриското Министерство за внатрешни реаботи „да престане со напади врз медиумите“, австрискиот огранок на Репортери без граници оцени дека пораката е неприфатлива и дека министерот Кикл треба да поднесе оставка.

Министерството информира дека пораката била испратена без знаење на министерот.