Џолев: Судот нема законски пропусти во врска со Фејзи Азири


Судот нема законски пропусти во врска со Фејзи Азири, обвинет во случајот „Монструм”, рече на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Азири, кој издржува затворска казна за нелегална трговија со оружје во штипскиот затвор од Министерството за правда до 28 февруари добил прекин на издржувањето поради болест. На 21 февруари, како што рече Џолев, Азири поднел барање за продолжување на прекинот на издржување на затворската казна, но до крајот на февруари немало одлука по ова барање и тој на 1 март требало да се врати во затворот во Штип.

Џолев рече дека Затворот Штип до Судот испратил известување во кое стои дека е поднесено барање за распишување на потерница за лицето Фејзи Азири и дека тој се води како лице во бегство.

Во контекс на тоа посочи дека МВР требало да постапи по наредбата за распишување потерница, а Судот добил само известување дека е издадена таква наредба.

Новото барање за продолжување на прекинот на издржување на затворска казна на Азири, судот на 29 март го одбил. На ова решение одбраната на Азири во предвидениот рок поднела жалба до Кривичниот совет, по која Советот дополнително треба да се произнесе.

Вчерашното судење за случајот „Монструм“ беше одложено токму поради тоа што Азири не се појави во судница. Азири вчера беше уапсен на Клиниката за пулмологија, каде што е хоспитализиран.