Шилегов ќе вработи 8 свои помошници и 60 пожарникари


Градоначалникот Петре Шилегов ќе вработи осум лица во неговиот тим, ова го предвидува програмата за вработувања во 2018 и 2019 година за која утре треба да расправа Советот на Град Скопје. Програмите предвидуваат да се вработат вкупно 133 нови лица, од кои 60 ќе бидат пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита, а останатите административци.

Всушност, дел од вработувањата веќе се одобрени од Советот на седница пред истекот на ланската година, но, во образложението за утрешната седница е наведено дека во меѓувреме, се јавила потреба од измени и дополнувања на планот во делот кај новите вработувања. „Внесени се дополнителни 23 вработувања и со тоа вкупниот број на нови вработувања кои треба да се остварат во 2018 година, заедно со вработувањата предвидени во Годишниот план за вработување за 2018 година, изнесува 75“, стои во образложението. Во него е потенцирано дека новите вработувања се неопходни поради зголемениот обем на работа.

Во кабинетот на градоначалникот предвидено е вработување на раководител на одделение за односи со јавноста и информации за граѓаните, раководител на сектор за поддршка на градоначалник, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник, раководител на одделение за координација на активностите на градоначалникот, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалникот, помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот и виш соработник за координација на активностите на градоначалникот.

Годинава, меѓу новите лица во администрацијата планирано е и едно место за советник за меѓуетнички прашања, двајца преведувачи-албански јазик, ќе биде вработен и нов возач, хигиеничар, неколку административци во Секторот за образование, како и лица за спроведување на јавните набавки, меѓународните односи, за заштита на животната средина…

Поради, пак, недостаток од пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита, градоначалник предлага да се вработат вкупно 60 пожарникари, годинава 50, а в година уште 10 нови. Тогаш е предвидено и проширување на администрација за 48 нови лица, од нив неколку ревизори и комунални инспектори.

Деспина Трајковска-Димова