Црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ во посета на Македонија


Во посета на Република Македонија денеска ќе престојува делегација на Министерството за одбрана и на Војската на Црна Гора, предводена од министерот Предраг Бошковиќ и началникот на ГШ, бригаден генерал Драгутин Дакиќ.

За време на посетата, како што соопшти Министерството за одбрана, црногорскиот министер Бошковиќ заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски и заменик министерот за одбрана Беким Максути ќе ги посетат припадниците на Војската на Црна Гора кои реализираат обука на Армискиот полигон Криволак, боево гаѓање со батерија хаубици.
 
По посетата на Криволак, во касарната Петровец министерот Бошковиќ ќе има средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Центарот за обука на пилоти, каде ќе бидат презентирани капацитетите на Центарот, по што ќе следуваат изјави за медиумите.