(Фото) Модна ноќ на невести во „Мериот“: Гламурозна свадба во Скопје


Венчаниците на дизајнерите беа шик, разголените гради на манекенките предизвикаа шок, гостите се туркаа како на премиера и разговараа со вино, коктели и шампањ синоќа на 6. Модна ноќ на невести во хотелот „Мериот“, во организација на Моден викенд – Скопје.

Ревијалниот дел го отвори дизајнерката Мила Кадриу, а до крајот на вечерта ги видовме елегантните и екстравагантни колекции на студиото „Зиане“, на модната куќа „Менакон“ од Косово, на Наташа Карчева од „Ал Апарел“, на „Елизабет студио дизајн“, уникатниот италијански накит на „Сигма“, а Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-бу“ претстави фустан изработен од свежо цвеќе.

На пистата ги видовме најубавите манекенки од агенцијата „Подиум“ и од „Црнокрак“, а најмногу овации на крајот од вечерта доби кошаркарката Едина Муса, која првпат облече венчаница.

Тешко е да се зборува за тренд кај венчалните фустани и свечените тоалети. Модата кај венчаниците се сведува на деталите и дезените на ткаенините, побавно се трансформираат кројките и боите, постои движење во однос на чистење на формите и софистицираност на изработката, сѐ повеќе се бараат лесни материјали, но и квалитетни. Удобноста во носењето на венчаницата и должината на венчалниот фустан се исто така важни за невестата, а манекенките признаваат дека носењето на венчаници на писта е најодговорна и најтешка работа, можни се неочекувани сопнувања. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски