Физиотерапевтите револтирани од државата – дипломираат, а не можат да отворат ординации
На физиотерапевтите им се дозволува да завршат факултет, но не и да отворат свои ординации, реагираат од Македонското физиотерапевтско здружение и бараат Министерството за здравство да најде решение за нивниот проблем.
– Законот не дозволува самостојно да отвориме ординации за физиотерапија, иако во исто време ни е овозможено да се едуцираме на факултетите во Македонија. Како резултат на тоа се зголемува бројот на невработени физиотерапевти со високо образование. Причина е и лошата систематизација на работните позиции во јавните институции, каде што се вработуваат само или почесто физиотерапевтските техничари. Со тоа се демотивираат младите дипломирани физиотерапевти и најчесто по завршеното образование, како готов продукт, ја напуштаат државата – вели Блаже Арсов, претседател на Здружението.
Според информации од Агенцијата за вработување, лани во државата имало 378 невработени физиотерапевти. Најголем дел од нив се физиотерапевтски техничари (243), виши физиотерапевти (10), дипломирани физиотерапевти (114), а специјалисти физиотерапевти (11). Година претходно, пак, имало вкупно вработено 340 физиотерапевти во сите приватни и јавни медицински установи, и тоа 61 дипломиран физиотерапевт, 42 виши физиотерапевти и 237 физиотерапевтски техничари.
Во Македонија постои средно медицинско образование за физиотерапевтски техничари и високо образование во склоп на медицинските факултети во Скопје, Штип, Битола и Тетово. Според националната класификација на занимањата физиотерапевтите влегуваат во споредната група 226 како „други стручњаци во здравството“ заедно со стоматолози, фармацевти, здравствени еколози, стручњаци за хигиена, диететичари и нутриционисти,терапевти за аудио и говор, офталмолози и оптометристи.
– Речиси сите други имаат право на самостојна дејност, освен физиотерапевтите. Според македонските закони, ординација за физикална медицина можат да отворат само доктори физијатри и под нивна капа да бидат вработувани физиотерапевти, тоа е една од пречките поради кои македонските физиотерапевти бегаат во странство – вели Арсов.
Физиотерапевтите се меѓу петте најмобилни професии во Европската Унија.
С.С.З.