Убил во Кичево, па се обидел да силува во Струга


Два дена по извршувањето на убиството во Кичево, осомничениот се обидел да изврши и разбојништво и силување во Струга. Според информациите од Основното јавно обвинителство, 47-годишниот Х.Ј. (47) од гостиварското село Ќафа, заедно со уште еден албански државјанин, на 31 декември извршиле разбојништво во обложувалница во Струга. Двајцата осомничени чекале да заминат другите гости од објектот, по што физички ја нападнале вработената, обидувајќи се да извршат силување. Жената силно се спротивставила и успеала да се отргне од двајцата напаѓачи.

„Тие направиле обид и за разбојништво одземајќи го клучот од касата, но поради силното викање на оштетената побегнале од местото на настанот и не успеале во обидот“, рекоа од ОЈО.

Убиството во Кичево беше извршено два дена претходно во кафеаната „Гурман“ на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево кога со неколку убоди со нож во пределот на градите, го убил 64-годишниот сопственик на локалот.

„Околу 17 часот, осомничениот заедно со други лица бил во угостителскиот објект на сега починатиот со кој разговарал за негово работно ангажирање на друго место. Откако заминале другите гости, осомничениот без посебен повод и причина, се доближил до сега починатиот, го соборил на земја и земајќи нож од работна маса, неколкупати му задал убодни рани во пределот на градниот кош. Од сериозноста на повредите оштетениот починал на самото место.“, велат од Обвинителството.

Насилниците се уапсени и за нив е побаран притвор.