Уапсени и повредени во вчерашните инциденти во Солун


Од 28 приведени, осум лица се уапсени, меѓу кои двајца малолетници. Повредени се 15 полицајци, а предизвикана е материјална штета на продавници, објекти, на канти за отпадоци и паркирани автомобили во синоќешните инциденти во центарот на Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, маскирани лица палеа канти за отпадоци и фрлаа молотови коктели, камења, дрва по полицајците, кои возвратија со солзавец и шок бомби.

Според грчките медиуми, инцидентите ги предизвикале група радикални десничари кои се вмешале со они кои протестираа против Договорот од Преспа.

Судирот меѓу демонстрантите и полицијата започна кусо пред 20 часот по локално време, а со прекини траеше три часа.

Предизвикана е материјална штета и на прозорците на општина Солун, од каде што почнаа инцидентите. Полицијата привела 28 лица, од кои осум се уапсени, а останатите ослободени. Во инцидентите, 15 полицајци биле полесно повредени.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчките новинари коментираа дека демонстрантите не биле воопшто пријателски кон новинарските екипи, а на неколку пати се обиделе да нападнат претставници на медиумите.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, непознато лице, учесник во протестите, на еден фоторепортер му се заканил со оружје. Сведок на инцидентот бил фоторепортерот на АНА-МПА, а според неговата изјава, додека траеле инцидентите еден демонстрант се обидел да ја грабне камерата на една снимателка.

– Фоторепортерите што беа на самото место забележаа што се случува и интервенираа, по што следеше вербален инцидент. Тогаш, реагираше втор демонстрант кој од малата чанта врзана околу себе, извади оружје и им се закани, без оружјето да го насочи кон нив. Случајот предизвика силни реакции кај фоторепортерите, а инцидентот заврши и непознатото лице си замина, објави грчката државна агенција и додава дека нивниот фотограф, за случајот ги известил полициските сили што се наоѓале на местото, но непознатото лице се загубило во толпата.

Додека траеја инцидентите во центарот на Солун, во непосредна близина на објектот каде што се одржува Меѓународниот саем, грчкиот премиер одржа говор во рамки на свеченото отворање на саемот.