Тромбонистот на Џејмс Браун, легендарниот Фред Весли во Скопје
Во ноќниот клуб Станица 26, на 26 март во 20 часот концерт ќе одржи култниот тромбонист Фред Весли заедно со неговата група под наслов „Fred Wesley Generation Trio“.
Концертот е во организација на „ Три Гонга и Funky Fresh“ локална поддршка Гоце&Чваре.
Поминаа декади од неговата соработка рамо до рамо со Џејмс Браун и Џорџ Клинтон, соработки, кои го етаблираа како еден од архитектите на фанкот.
Денес, неговото трио е конекција на неколку генерации. Легендарниот Весли наполни 75 години, италијанскиот продиџи на клавијатури Леонардо Коради има само 25 години, а тапанарот од триото Тони Меч има 45 години.
Тројца музичари, кои првично пред повеќе години се собраа да му оддадат почит на легендарниот џез музичар Џими Смит, но нешто „кликна“ меѓу нив и тие продолжија како трио да настапуват понатаму заедно се до денес. Нивната музика е производ на талентот и огромното искуство на Весли, звук обоен со уникатни влијанија, вклучувајќи и африкански ритми и електронски звуци.
Ден пред неговиот концертен настап со почеток во 19 часот во скопското кафуле Брик бар, веднаш до Парк Хотел & Спа ќе одржи двочасовен мастер клас за сите оние кои се заинтересирани. Покрај него, присутни ќе бидат и членовите на неговото трио. Организаторите оваа средба повеќе ја најавуваат како „meet and greet“ со легендарниот тромбонист.