Српската листа против трансформацијата на ФСК во војска на Kосово
Косовската Влада на денешната седница го усвои Нацрт-законот за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во Војска на Косово.
На владината седница министерот за ФСК, Рустем Бериша предложи измена на три закони, со кои безбедносните сили се стекнуваат со нови надлежности, а Министерството за ФСК прераснува во Министерство за одбрана.
Предлозите на Бериша, како и оној за трансформација на ФСК во војска, беа усвоени едногласно, со тоа што на седницата на Владата не присуствуваа министрите Срби.
Премиерот Рамуш Харадинај, како и другите косовски лидери, веќе неколку години најавуваат трансформација на ФСК во војска на Косово.
Меѓународниот фактор, иако не се спротивставува на оваа намера, сепак нагласува дека тоа може да се изведе единствено со промена на Уставот на Косово. За такво нешто, пак, потребно е двотретинско мнозинство, како и мнозинството на гласовите на пратениците Срби, кои, како и официјален Белград, се категорично против формирање косовска војска.
Со оглед дека нема никакви изгледи да ја реализира намерата со промена на Уставот, Харадинај најави дека формирањето на војска на Косово ќе го изведе постепено, со законски измени, но за ова ја нема поддршката на западните сојузници.
Српската листа против трансформацијата на ФСК во војска на Kосово
Потпретседателот на Српската листа и пратеник во косовското Собрание Игор Симиќ се спротивстави на денешната одлука на Владата на Косово, во која партиципира и неговата партија, да ја започне трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово.
– Единствена легална воена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, е КФОР, кој на овие простори дојде со согласност на Република Србија, изјави Симиќ за Радио Слободна Европа.
Вулин: Единствена цел на формирањето косовска војска е судир со Србија
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска дека за Србија е сосема неприфатливо формирање на косовска војска и ја повика меѓународната заедница да обезбеди почитување на Резолуцијата 1244 и да не дозволи формирање „нелегални оружени формации кои ќе го загрозат мирот и безбедноста“ во Косово и регионот.
– Одлуката на Приштина за покренување постапка за формирање т.н. војска на Косово е планиран обид за оневозможување на договор и напад на мировните напори на претседателот Вучиќ, оцени Вулин.
Во пишаната изјава до медиумите, Вулин прашува „за што воопшто би служела таа војска, за да се брани од Црна Гора и Македонија или за да ја нападне Албанија“.
– Единствена цел на формирањето војска е судир со Србија и ние нема да дозволиме да се подготви формација која според (Рамуш) Харадинај и (Кадри) Весели треба да стигне до Ниш, смета Вулин.